Фотографии: Горан Анастасовски

Најпрво возрасните птици почнуваат гласно да испраќаат сигнали за предупредување со силно гракање, по што може да се упатат кон потенцијалната опасност со лажни или вистински напади за да го одбранат младенчето

Внимателно покрај дрвјата или во парковите, чавки или пепелави врани може да ве нападнат

Чавките, пепелавите врани, па и гавраните одамна се одомаќинија во градовите, а во пролетните месеци тие привлекуваат внимание поради нивното невообичаено однесување, кое кај многумина предизвикува морници.
Тие во овој период знаат да бидат непријателси настроени кон луѓето, а често знаат и да нападнат. Ако не се осмелат да нападнат со физички контакт, тогаш тие летаат кружејќи во низок лет околу минувачите, силно гракајќи, сѐ со цел побрзо да ги избркаат минувачите, третирајќи ги како натрапници. Во секој случај, нивното однесување во овој период од годината не е за потценување и може да претставува опасност за минувачите. Зошто е тоа така и како да се заштитиме?

Агресивното однесување на птиците е поради тоа што си го штитат
подмладокот

Доколку поминувате на место каде што има повеќе дрвја и забележите невообичаено однесување на чавки, врани или гаврани што летаат кружно, најдобро би било да се тргнете и да поминете од друго место, за да не бидете непријатно изненадени и нападнати.
Ова се најчестите совети што ги даваат биолозите и познавачите на однесувањето на гавраните во овој период од годината.
Чавките, пепелавите врани, па и гавраните вообичаено напаѓаат кога луѓето се во близина на нивните гнезда, бидејќи овој период од годината имаат малечки, па се плашат за животот на своите младенчиња.
Според познавачите, нападот од ваквите видови птици ретко може да биде животозагрозувачки. Тој не предизвикува сериозни повреди, но далеку од тоа дека не треба да се биде внимателен.
– Не постои начин на заштита. Ако луѓето видат чавки, пепелави врани или гаврани што летаат во круг околу некое место, најдобро би било да ги избегнуваат. Во тој случај многу е веројатно тие да имаат малечко паднато од гнездо, кое паднало како последица на ветер или дожд, па птиците се обидуваат да ја отстранат секоја опасност што може да го загрози младенчето – вели Војо Иванов, вработен во скопската зоолошка градина.
За жал, чавките, пепелавите врани и гавраните во изминатиот период, освен на дрвја, своите гнезда ги прават и на бандери и на слични објекти, па станува сѐ потешко да се избегнуваат.
Според познавачите, овој период младенчињата веќе имаат пердуви и почнуваат да учат да летаат. И токму овој период е особено критичен, бидејќи се случува да паднат, зашто сѐ уште не ја усовршиле добро техниката на летање.
– Тогаш возрасните птици ги бранат територијата и младенчињата, па може да дојде и до напад, доколку минувачот премногу дојде блиску до младенчето.

КАКО НАПАЃААТ?

Најпрво возрасните птици почнуваат гласно да испраќаат сигнали за предупредување, со силно гракање, по што може да се упатат кон потенцијалната опасност со лажни или вистински напади за да го одбранат младенчето. Периодот на ваквото агресивно однесување на чавките, пепелавите врани и гавраните трае десетина дена, додека младенчињата станат целосно подготвени за да летнат, по што престануваат со напади.
Овој вид птици често напаѓаат кога нивните младенчиња се блиску до грмушки или во пониските делови на крошната на дрвото. Во периодот кога излегуваат од гнездата, неопходно е да се биде внимателен кога се поминува покрај дрвјата или, пак, местото каде што се забележуваат гаврани. Доколку птиците упорно ги бранат младенчињата, најдобро е луѓето со себе да носат чадор или нешто друго со чија помош ќе се одбранат од потенцијален напад.
– Исто така, би требало што е можно поскоро и без паника и нагли движења, луѓето да се оддалечат од местото каде што гавраните си ја бранат територијата, во случајот младенче што паднало од гнездо – советуваат биолозите.
Познавачите исто така велат дека гавраните можат да ги сметаат децата како натрапници, затоа би требало да бидат внимателни и подготвени да реагираат доколку гавран тргне да нападне.

Како да се одбранат граѓаните

Она што во овој период од годината треба да го прават граѓаните е да ги избегнуваат местата каде што има гаврани. Гавраните се гледаат и се бучни, па тоа воопшто не е тешко да се направи. Покрај нивните гнезда, секогаш треба да се минува полека и смирено, да не се мавта со рацете и да не се крева паника.
Доколку граѓаните забележат паднато младенче на гаврани, експертите велат да не се обидуваат да му помогнат, туку да го одминат. Доколку се обидат да му помогнат, тоа од страна на неговите родители ќе се смета на напад, па автоматски тој што ќе се обиде да го допре ќе биде потенцијална цел за возрасните гаврани.
Носењето капа секогаш е добар избор кога се минува покрај места каде што на дрвјата има гаврани, бидејќи преку капата тие не можат да нападнат. Според експертите и познавачите, добра одлука е и да се носи чадор, за граѓаните да се заштитат од физичка повреда. Чадорот дополнително ќе ги исплаши гавраните, така што тие нема да се обидат да напаѓаат.

[email protected]


Паднати бувчиња

Војо Иванов вели дека во овој период од годината, доколку граѓаните најдат младенче од був, треба воопшто да не го допираат или, ако веќе е паднато на земја каде што има ризик по неговиот живот, да го стават на околно дрво или гранка, каде што ќе биде безбедно од напад на мачка или куче.
– Периодов добивам многу повици за најдени мали бувчиња. Граѓаните не знаат како да постапат со нив и што да им прават. Затоа, ги советувам да ги вратат на местото каде што ги нашле или воопшто да не ги земаат. Тие сега учат да летаат и од умор, бидејќи сѐ уште не знаат добро да летаат, но и понекогаш и од ветер, најчесто паѓаат да одморат на земја – вели Иванов.
Тој советува дека ако луѓето сакаат да им помогнат, да ги стават на гранка, освен ако бувчето е повредено.