Фото: Игор Бансколиев

За период од една недела, јавното претпријатие „Градски паркинг“ и „Паркинзи на Општина Центар“, поради непрописно паркирање, санкционирале повеќе од 300 возачи. Санкционираните паркирале на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина и на многу други места, спротивно на сообраќајните знаци. До кога ќе имаме ваква сообраќајна некултура?

НЕПРОПИСНОТО ПАРКИРАЊЕ БОЛНА ТОЧКА ЗА СКОПЈЕ

Паркирањето со години е еден од најгорливите проблеми за Скопје. Посебно горлив проблем настанува поради несоодветната возачка култура кај возачите што паркираат на места каде што најмногу им одговара, и тоа токму таму каде што не смеат. Несовесните возачи блокираат тротоари, пешачки и велосипедски патеки, пешачки премини, но и узурпираат зелени површини. Токму од тие причини редовно се санкционираат возачите што непрописно паркирале, меѓутоа, за жал, се чини дека санкциите не ги освестуваат возачите, па упорно непрописното паркирање е голем предизвик за локалните општински власти.

ЗА ЕДНА НЕДЕЛА САНКЦИОНИРАНИ НАД 300 ВОЗАЧИ ПОРАДИ НЕПРОПИСНО ПАРКИРАЊЕ

За период од една недела, јавното претпријатие „Градски паркинг“ и „Паркинзи на Општина Центар“, поради непрописно паркирање, санкционирале повеќе од 300 возачи.
Санкционираните паркирале на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, како и спротивно на сообраќајните знаци.
Исто така, голем е бројот на граѓаните што ги пријавуваат непрописно паркираните, па така, секојпат кога ќе забележат несоодветно паркирано возило, го пријавуваат до „Градски паркинг“.
Само за една недела, „Градски паркинг“ санкционирал 145 возачи поради непрописно паркирање.
– Јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелира до граѓаните да ги чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта. Апелираме сите корисници на услугите за паркирање навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС или со греб-картичка – информираат од претпријатието.
И во Општина Центар еден од најголемите проблеми е непрописното паркирање. Надлежното претпријатие за една недела санкционирало дури 246 возачи поради непрописно паркирани возила, кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
– Со помош на специјалните возила „пајак“ на ЈП ПОЦ, отстранети се 114 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичкото средство „блокатор“ се санкционирани 132 возачи на возила што биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани. ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците – информираат од Општина Центар.

НА ЧАИРЧАНИ ИМ НЕДОСТИГА ПАРКИНГ-ПРОСТОР

Паркирањето е можеби најголем проблем за чаирчани, каде што буквално нема доволно паркинг-простор. Тамошните жители велат дека паркирањето им претставува доста голем предизвик и покрај тоа што постојано се прават нови паркиралишта.
– Имаме недостиг од паркинг-простор. Тука кај нас се блокираат улици и тротоари затоа што едноставно возачите немаат каде да ги остават своите возила. Ова е долгогодишен проблем за нас и покрај тоа што Општината редовно ни прави нови паркиралишта, проблемот е доста сериозен – вели Кадир Мехмеди.
Дека се изнаоѓаат решенија за паркирањето, доказ е тоа што, неодамна, на улицата 28 Ноември, Општината направи нов паркинг-простор за тамошните жители, со цел растоварување на паркирањето.
Како што истакнаа од Општината, во изминатите неколку години се создадени речиси две илјади паркинг-места за жителите на општината.

[email protected]