Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во однос на прашањето за градоначалниците во Скопје, и за одземањето на ингеренциите на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска во делот на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и Зеленило“, премиерот Кристијан Мицкоски кажа дека има многу проблеми во процесот на управување со администрацијата во Градот Скопје.

– Градоначалниците се собраа, дискутираа… Навистина не можам ништо друго да кажам, освен тоа дека ние сме како Влада подготвени да ги решаваме сите проблеми што се реалност и граѓаните не очекуваат како да кажам префрлање на вината – не сте вие виновни, тие се виновни. Во ред, ние видовме тие не чинеа, на 8 мај имаше избори, граѓаните си го дадоа својот суд и гласаа за оваа коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ние сакаме тоа да го решаваме. Тоа што најголемиот дел од градоначалниците во Градот Скопје и општините во градот Скопје се од ВМРО-ДПМНЕ е една причина повеќе, тие излегоа, побараа, ние дадовме разумен рок градот конечно да се зафати со чистење, гледаме како градот се гуши во ѓубре, како имаме расипани автобуси на секој чекор, како 17 пати се менуваат директори по јавни претпријатија итн., улиците и булеварите се со дупки не се реконструираат, не се прави ништо, ние мора да преземеме нешто бидејќи тие граѓани нас ни ја дале довербата и ние тоа мора да го оправдаме. Затоа во разумен рок очекувам градот конечно да почне да си ја работи работата. И ова нема никаква врска со политичките недоразбирања што ги имавме со градоначалничката Данела Арсовска што еве после толку време јавноста може да види дека сите оние наши тврдења за коишто сме збореле се вистинити – рече Мицкоски.

Изрази жалење што претходната Влада ја толерирала оваа „акутна неспособност“.

– Веќе размислуваме како Влада да отпочнеме процес, но ајде еве да не бидеме осудени од јавноста дека ние сега еве станавме Влада па ајде сега ќе преземаме или ќе ги одземаме ингеренциите. Затоа велиме, еве имате разумен рок, ве молиме решете ги работите – рече Мицкоски.

Скопските градоначалници вчера едногласно побараа Владата да ги одземе ингеренциите на град Скопје за комуналините претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“. Бараат назначување на владин повереник и трансформација на претпријатија со која надлежностите ќе им бидат поделени на општините, механизацијата и човечките ресурси да се поделат, па секоја од општините сама да си чисти. Очекуваат на идната владина седница ова прашање да биде разгледано.


Град Скопје апелира премиерот да ги вразуми советниците

Град Скопје, преку соопштение, апелира премиерот Христијан Мицкоски да ги врзуми советниците да ги изгласаат програмата за работа на „Комунална хигиена“ и планот за набавка на еколошки автобуси.

– Ја поздравуваме разумноста на претседателот на Владата, за која се надеваме дека е искрена и во насока на одблокирање на процесите во градот Скопје. Апелираме, премиерот Мицкоски да ги вразуми советниците во Советот на Град Скопје, да не тераат инает и уште веднаш на следната седница, да ја изгласаат програмата за работа на „Комунална хигиена“, што седум месеци досега одбиваат да ја донесат – пишува во соопштението.

За првпат во градот Скопје по 30 години, како што се наведува, „Комунална Хигиена“ нема програма за ангажирање сезонски работници, кои се задолжени за одржување на градската хигиена и чистота на градот, „само поради инаетот на советниците од мнозинството“.

– Апелираме, Мицкоски да ги вразуми советниците да го изгласаат и планот за набавка на нови еколошки автобуси. Апелираме до премиерот, кога веќе освои апсолутна власт, да ги одблокира претпријатијата, што досега беа блокирани од членовите на управните одбори од неговата партија. Доколку е потребно, Градот Скопје е подготвен да учествува и формира посебно работно и координативно тело со Владата, со единствена цел – граѓаните да добијат град каков што заедно, градоначалничката Арсовска и премиерот Мицкоски, ветија во 2021 година – се додава во соопштението.