Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Државниот инспекторат за труд, по поднесената претставка од вработените во Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, на кои им беа дадени откази, утврдил дека тие биле отпуштени незаконски.

Како што информираа од Сојузот на синдикатите, Инспекторатот налага да се поништат отказите.

-Донесена е инспекциска мерка, со која менаџментот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје треба да донесе писмен акт со кој ќе ги поништи одлуките за отказ поради тоа што тие се спротивни на законот и на колективниот договор – велат од Синдикатот.

Синдикатите очекуваат управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје на седницата што ќе ја одржи денес, постапувајќи во согласност со инспекциската мерка, како и врз основа на поднесените приговори од работниците, да донесе одлука со која ќе ги поништи отказните решенија и вработените ќе ги врати веднаш на работните места.

СУТКОЗ и ССМ изминатиот период укажуваа дека раководството на „Комунална хигиена“ – Скопје треба да ги почитува законот и колективните договори и дека постапките што се преземаат се ништо друго, туку реваншизам кон работниците за нивната синдикална борба. Се апелира на дијалог.