Фото: Игор Бансколиев

Со цел да најдат начин да се изменаџираат големите давачки што произлегуваат од потрошената електрична енергија, на состанокот на Заедницата на единиците за локална самоуправа (ЗЕЛС) се обрна посебно внимание и на потребата општините да формираат претпријатија за обезбедување електрична енергија од обновливи извори. На четвртата седница на генералното собрание на ЗЕЛС се извлекоа заклучоци во насока дека „сите локални самоуправи ќе мора да му посветат посебно внимание на наоѓањето начини за обезбедување средства за оваа намена од европски проекти или други извори за финансирање, затоа што не се знае како ќе се одвива понатаму состојбата со енергетската криза“…

СЕДНИЦА НА ГЕНЕРАЛНОТО СОБРАНИЕ НА ЗАЕДНИЦАТА НА ЕДИНИЦИТЕ ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА

Енергетската криза беше во фокусот на четвртата седница на генералното собрание на Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС). Како еден од најголемите предизвици што беа поставени пред општините беше издвоен предизвикот и проблемот со снабдување, трошење, штедење и покривање на трошоците за електрична енергија.
– Општините мора да штедат – истакна претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, кој инсистираше да се најдат начини за поголема финансиска стабилност и независност на општините од централната власт.

ПОГЛЕД ВПЕРЕН КОН ЦЕНТРАЛНАТА ВЛАСТ

На седницата најголемо внимание им беше посветено на двете точки што се однесуваат на изоставувањето на категоријата „улично осветлување“ од тарифникот на новите цени на струјата и забраната од Владата до општините да формираат сопствени претпријатија што ќе го менаџираат јавното осветлување во самите општини.
Граѓаните останаа без соодветно решение на еден од најболните проблеми, бидејќи сѐ уште голем дел општини имаат во сила рестриктивни политики на осветлувањето, па голем број улички што се под општинска надлежност се постојано во мрак.
– За првото, ЗЕЛС лобираше за враќање на оваа категорија во тарифникот или за итно донесување измени во Законот за комунални такси. Иако Министерството за финансии констатира дека е потребно да се направат законските измени, оттаму до ден-денес нема никакви поместувања. Предлозите од централната власт беа во насока општините сами, преку советите, да ја утврдат висината на оваа такса, што е апсолутно неприфатливо и поради тоа ЗЕЛС испрати предлог до Министерството за финансии, цената на уличното осветлување да се пресметува со просечната цена на високата и ниската тарифа за мал потрошувач, зголемен за коефициентот LV 1.1. – истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека во однос на владината забрана општините да формираат сопствени претпријатија за менаџирање со јавното осветлување, а оние општини што основале такви претпријатија да ги укинат, ЗЕЛС поведе иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на уставноста и законитоста на одлуката, со утврдување предлог за донесување привремена мерка со која ќе се запре нејзината примена.
Иницијативата, како што информира Ѓорѓиевски, била отфрлена од страна на Уставниот суд, со што општините повторно се довеле во финансиски подредена состојба.

НАЈАВА ЗА ФОРМИРАЊЕ ОПШТИНСКИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СТРУЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ

Со цел да се спасат од големите давачки што произлегуваат од потрошената електрична енергија, на состанокот на ЗЕЛС се обрна посебно внимание и на потребата општините да формираат претпријатија за обезбедување електрична енергија од обновливи извори.
Сите локални самоуправи ќе мора да му посветат внимание на наоѓањето начини за обезбедување средства за оваа намена од европски проекти или други извори за финансирање, затоа што не се знае како ќе се одвива понатаму состојбата со енергетската криза.
Како позитивна беше издвоена вонредната мерка со која основните и средните училишта, како и јавните претпријатија за снабдување со вода, беа префрлени на регулиран пазар. Лобирањето на ЗЕЛС во следниот период ќе биде насочено кон тоа училиштата да не се третираат како профитни организации, бидејќи е неприфатливо да се плаќа по тарифа како за стопанственици, а, како што информира претседателот, ЗЕЛС за оваа идеја има поддршка и од УНИЦЕФ.

ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ЕДНАКОВ ТРЕТМАН НА ОПШТИНСКАТА ВО ОДНОС НА ДРЖАВНАТА
ДАНОЧНА АДМИНИСТРАЦИЈА

Во контекст на Министерството за образование и наука, кое заедно со УНИЦЕФ работи на новата предлог-методологија за распределба на блок-дотациите за основно образование, Ѓорѓиевски укажа дека ставот на ЗЕЛС, кој е испратен и до МОН, е дека е неопходно зголемување на блок-дотациите за образование, бидејќи има општини што 95 отсто, па и 97 отсто од овие средства ги трошат за плата на вработените, а сѐ друго покриваат од свои средства.
На генералното собрание се продискутира и за состојбата со противпожарните единици и малите средства што општините ги поседуваат за оваа намена, за остварената средба со министерката за животна средина и просторно планирање и за чекорите што ќе се преземаат за искористување на средствата од двата заема на државата од Светската Банка и од Европската банка за обнова и развој. Ѓорѓиевски информира и за ревидираниот документ за систематизираните ставови на ЗЕЛС, во кој се потврдува дека се потребни поголеми финансиски средства од централната власт за соодветно остварување на приоритетите на ЗЕЛС: обезбедување поголема финансиска стабилност, реформи во организацијата на локалната власт и префрлање на нови надлежности.
На крајот, како што сумира претседателот Ѓорѓиевски, лоцирани се повеќето аномалии што го оневозможуваат развојот на општините и кои бараат итно унапредување на методологијата за правично насочување на средствата од централно на локално ниво во согласност со европските практики и обезбедување еднаков третман на општинската во однос на државната даночна администрација. Ѓорѓиевски истакна дека промените не се веќе потреба, туку неопходност.
– Ние мора заедно да се бориме за нашите права и заедно да направиме промена во нашите општини. Ситуацијата не е лесна, напротив, пред нас има големи пречки, но заедно сме во ова и ќе успееме. Јас, како претседател на ЗЕЛС, нема да дозволам некој да нѐ третира нас и нашите општини, а со тоа и нашите граѓани, со потценување и нема да дозволам некој да си поигрува со нашите финансии на сметка на собирање политички поени – подвлече претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.

[email protected]