Некои од комуналците, кои останале без работа откако Косана Мазнева е директорка на ЈП „Комунална хигиена“, со години се иселени од Македонија, но сè уште секој месец добивале плати од ЈП „Комунална хигиена“, вели градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во одбрана на директорката против која викендов вработените се кренаа на бунт, па ѓубрето остана на улиците. Двете денес излегоа на прес-конференција, на која се обидуваа да објаснат дека вината за несобраното ѓубре е кај вработените во „Комунална хигиена“, а не во лошото менаџирање со јавното претпријатие.
-Ние откривме луѓе што се во Германија пет години, трајно се иселени и возат камиони, а примале плата. Сериозни се овие работи. Вие сите на 40 степени сте дојдени да ја работите професионално вашата работа, а некој во Германија си ужива и чека џепарлак да му дојде секој први, до 10-15 во месецот, за да земе пари од тоа што е пријавен во некое јавно претпријатие. Мора да се расчисти со овие работи – рече градоначалничката Арсовска.
Таа ги искара сите што не го поздравиле обидот на директорката да расчисти со партиските војници вработени во јавното претпријатие.
-Наместо да излезат и да го поздрават тоа што првпат по 30 години независност некој се осмели да расчисти со партиски војници и вработувања, да расчисти со тоа да немаме нефер однос кон граѓаните, да расчисти со тоа и оние луѓе што чесно си заработуваат во „Комунална хигиена“ да не бидат омаловажувани и да не бидат третирани на начин на кој се третирани бидејќи некој друг ја зема истата плата, а не се појавил ниту еден час во текот на овие изминати години и години. Ако тргнете и ако го отворите случајот, по име и презиме ќе знаете кој точно од кога е пријавен и не се појавува на работното место – објаснуваше градоначалничката Арсовска.
Вработените во „Комунална“ викендов се кренаа на бунт и не го собираа сметот откога директорката не им ги продолжила договорите за работа на неколкумина, а истовремено не ги примала на состанок синдикалните претставници, кои бараат зголемување на платите, исплата на К15 и бенефициран стаж.
Денес, Синдикатот соопшти дека вечерва ќе се вратат на работа, а вработените ќе продолжат да го искажуваат револтот на друг начин, преку легитимни процедури, кои нема да бидат на штета на граѓаните.
Неколкумина градоначалници на скопски општини синоќа се организираа и сами почнаа да го собираат ѓубрето, но депонијата „Дрисла“ не дозволи влез на камионите, па дел од ѓубрето ноќеска беше истурено во близина на затворената капија на депонијата.