Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Синдикатите и Владата денеска постигнаа договор за зголемувањето на платите и за методологијата за раст на платите во јавниот сектор. Платите во јавниот сектор од 1 септември ќе бидат зголемени за 10 отсто, а вработените ќе добијат 10.000 за К-15.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изјави дека е постигнат договор за потпишување на општиот колективен договор и за сите оние спорни прашања кои со месеци се разговараат со претствниците на синдикатите.

-Договоривме дека новата методологија за прсметка на платио за вработените во јавниот сектор ќе започне од март 2025 година. Со септемвриската полата во 2023 ќе биде покачувањето од проценти на платите во јавниот сектор, К-15 до крајот на декември 2023 година во висина од 10.000 денари, а во општиот колективен договор ќе стои одредба за исплатата на К-15 од 2024 година да биде најмалку 30 проценти од висината на просечната плата во изминатата година – објави во изјавата за медиумите по средбата Тренечевска.

Министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека Колективниот договор, односно новата методологија за пресметка на плата ќе важи од март затоа што е потребно усогласување со буџетот и системско решавања, односно вметнување во законите.

-Методологијата ќе важи од март 2025 со коефициент од просечна бруто плата и таа ќе важи за сите во јавниот сектор – рече Бесими

Ова покачување нема да важи за функционерите.

Новоизбраниот претседател на Сојузот на синдикати (ССМ), Слободан Трендафилов, смета дека вработените во јавниот сектор треба да бидат задоволни.

-За нас како синдикати ни беше важно, вработените во јавниот сектор на банкомат во септември да добијат далеку повеќе од бараните 14 проценти, што со овој процент кој го договоривме ја постигнавме целта, ако имаме в предвид дека платите на голем дел од вработените во јавниот сектор со синдикални активности пораснаа во изминатиот период -, изјави тој.

Во последните месеци вработени во јавниот сектор протестираат и штрајкуваат со барање за повисоки плати. Незадоволство досега изразија вработените во Царинската управа, во Управата за јавни приходи, судска администрација, вработени во културата, во образованието, во Државниот испитен центар.

Барањата за повеќе пари станаа особено гласни откако избраните и назначени функционери во Македонија во април добија зголемување на плати за 78 проценти.