Според службите за дезинсекција, температурите се погодни за инсектите

Во центарот на градот случајни минувачи во вечерните часови забележале зголемено присуство на бубашваби по плочниците и тротоарите. Граѓаните биле згрозени од оваа не толку соодветна слика за централното градско подрачје. Овие инсекти во зголемен број ги забележале локални жители што шетале во вечерните часови по улицата Даме Груев, а вознемирени од глетката прашуваат која е причината за нивната забележлива појава. Дали правните субјекти ја спроведуваат законската обврска и вршат дезинсекција и колку, пак, граѓаните водат грижа за тоа? Важно е да се знае дека лебарките пренесуваат бактерии и вируси.
– Според Светската здравствена организација, нивното присуство е фактор за лоша хигиена и тие можат да предизвикаат респираторни или дигестивни заболувања кај луѓето. А и медицината познава алергија предизвикана од изметот на лебарките. Лебарките се инсекти што се на листа на опасни и контаминирачки видови – вели Ќирил Арсовски, биолог.

Од службите за дезинфекција, дезинсекција и дератизација велат дека оваа појава во овој дел од периодот и не е неочекувана. Добрите услови, како топлото време, зголемената влажност и темните места, се одлични услови за појавување на бубашвабите и на лебарките. Сепак, појавувањето на виделина на овие видови инсекти не оддава убава слика на едно современо Скопје.
– Правни субјекти имаат законска обврска да спроведат дезинсекција еднаш во годината. Тоа значи дека здравствените објекти, хотелите, магацините со храна и градинките мораат да прават дезинсекција барем еднаш годишно. Приватните корисници што имаат ваков проблем, доколку е можно, би било препорачливо да спроведат дезинсекција двапати годишно – велат од државната служба за дератизација, дезинсекција и дезинфекција.
Колку пати ќе се изврши дезинсекција зависи и од финансиската положба на граѓаните. Сепак, истребувањето на бубашвабите не е секогаш конечен процес, некогаш е потребно повеќепати да се изврши дезинсекција за да се елиминира нивна повторна појава. Доколку станува збор за станари во една зграда, потребно е сите да се договорат и како заедница на станари да контактираат со службите за дезинсекција.

Најчестите се два вида бубашваби кај нас. Во тој однос е потребно да се направи дистинкција помеѓу црни и кафени бубашваби. Двата вида имаат различни навики, но и различни се начините кога се пристапува кон дезинсекција. Според тоа, и цените за справување со црните и кафените бубашваби или лебарки, се различни. Цените се одредуваат според квадратурата и количеството на средството што се користи. За црните бубашваби се користи контактна дезинсекција и за 80 квадратни метри би изнесувала 1.200 денари, додека пак за истата квадратура за лебарките би изнесувала 2.000 денари. И двата вида сакаат темни, влажни и топли места, но црната бубашваба, или германика, е физички поголема и претежно се забележува надвор, како кај тревниците, скалите, покривите, гаражите, шахтите, подрумите. Додека, пак, лебарките, или ориенталис, се инфилтрираат на одредени места внатре во домот, како одводот, водната пумпа, машината за садови, плакарите и каде што постојат остатоци од храна.

– Важно е да се напомене дека кафената бубашваба си ја носиме ние, дали преку животните навики или, пак, некогаш при купување намирници ја пренесуваме во нашиот дом – вели Бојан Симоновски, медицински лаборант од „Приматекс“.
Најчест проблем за сите што живеат во зграда, доколку имаат птици на покривите, вообичаено имаат и проблем со црни лебарки. Доколку постои оштетен симс на покривот на одредена зграда, постои можност за населување на птици. Ако се остави нетретиран овој проблем, особено кога станува збор за птици како гулабите, подоцна се појавуваат бубашваби. Изметот на гулабите им претставува главна храна на црните бубашваби во овој случај, затоа некогаш може да се забележат како се качуваат на надворешните ѕидови од зградите.

Превентивни мерки што се препорачуваат за граѓаните е да постават во своите живеалишта мрежи на прозорците, да постават врати и прозорци што добро дихтуваат и да водат грижа да нема поплавување на шахтите. Исто така, потребно е да постават заштитни решетки на сливниците, да внимаваат да не оставаат остатоци од храна на отворено и да ја држат хигиената во домот на високо ниво ако не го сакаат нивното присуство.