Целосно се реасфалтирани и обновена е основата на спортските терени во општинското основно училиште „Војдан Чернодрински“ во Тафталиџе, во урбаната заедница Владо Тасевски. Станува збор за површина од 1.442 квадратни метри, со што основците од училиштето добија ново игралиште за мал фудбал, како и кошаркарско игралиште.
Претходно општината Карпош целосно обнови голем број игралишта во повеќе основни училишта на својата територија, кои сега веќе прераснуваат во спортско-рекреативни центри.

Идејата е со реконструкциите и поправките на реквизитите да се подобрат условите за спортување на учениците за време на часовите по физичко образование, но и да се овозможи дополнителен простор за рекреација на граѓаните, кои живеат во близината на игралиштата, кои во попладневните часови би можеле да ги користат овие терени.