Пречистителната станица за отпадни води во Волково (ПСОВ), која дејствува во рамките на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, е наменета за чистење на комуналните отпадни води што доаѓаат од собирното подрачје на населбите Кисела Јабука, Стопански Двор и Волково. Најголем придонес од проектот ПСОВ-Волково е заштитувањето на подземните води и на водите што се користат како резервен водоснабдителен систем за градот Скопје (бунарското подрачје Нерези – Лепенец).
По набавката на хибридниот дигестор, киселинско-базно отпорен заштитен кабинет што ги апсорбира сите испарливи гасови што се дел од голем број хемиски реакции и претставува предуслов за безбедно лабораториско работење, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје набави печка за жарење наменета за лабораторијата во рамки на ПСОВ-Волково.
– ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје посветено работи во насока на зголемување на ефикасноста и ефективноста на работните процеси. Печката за жарење во лабораторијата во ПСОВ-Волково овозможува изработка на анализи на високи температури до 1.200°C, а е изработена од квалитетен не’рѓосувачки челик со двојна обвивка и приспособлив влез на воздух. Таа овозможува изработка на голем број анализи и истражувања, преку кои може да се обезбедат информации потребни за оптимизација на работата на постројките за третман на отпадни води и активна контрола на процесот на пречистување – истакна Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
За пречистување на отпадната вода се применува современа SBR-технологија. Процесот на прочистување е целосно автоматизиран и тој може во целост да се следи преку компјутерски систем SCADA. Ефлуентот од ПСОВ-Волково се пречистува според барањата на Директивата на ЕУ за урбана отпадна вода (91/271/EEC, 98/15/EC) за чувствителни подрачја.