ЈП Водовод и канализација – Скопје е секогаш во служба на граѓаните, а со тоа и во служба на потребите на општините и секако на градот Скопје. Во тој контекст, денес, генералниот директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Душко Весковски заедно со градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, изврши увид на теренско техничките активности за реконструкција на водоводната и фекалната канализација по дел од ул. Варшавска, во општина Карпош.

Во текот на минатата година, ЈП Водовод и канализација – Скопје ја започна и заврши реконструкцијата на водоводната и канализациската мрежа на улица Варшавска на потегот од раскрсницата со ул.Париска до раскрсницата со бул.„8-ми Септември“. За реализација на целосна реконструкција на водоводната и фекалната канализациска мрежа на ул. Варшавска, оваа година се продолжи со проектот од раскрсницата со ул.Париска до раскрсницата со ул. Лондонска.

– Вкупната инвестиција за изведба на водоводната мрежа, ф150мм, во должина од 720м од страна на ЈП Водовод и канализација – Скопје е 16.700.000 ,00 ден, а преку реализација на овој проект ќе се создадат услови за правилно -приклучување на постоечките новоизградени објекти на овој дел од улица Варшавска, реконструкција на постоечките приклучоци на објектите кои гравитираат на овој дел од улицата, поврзување или приклучување на друга постоечка улична водоводна мрежа на проектираната, поврзување на две постоечки улични водоводни мрежа ф150мм на ул.Лондонска и ф300 мм на ул.Париска со што ќе се овозможи оформување на циркулационен прстен. Вкупната, пак, инвестиција за реконструкцијата на фекалната канализација, ф400мм, во должина од 232м е 4.800.000 ,00 ден, а преку нејзината реализација ќе се создадат услови за приклучување на постоечките и на новоизградените објекти на овој дел од улица Варшавска, како и можности за приклучување на идна улична фекална канализација од уличките кои гравитираат кон Варшавска. При изведба на овој проект ќе се користат материјали од дуктилно железо како и полипропиленски канализациски цефки и шахти  – изјави генералниот директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Душко Вековски, додавајќи дека за успешна реализација на своите активности и исполнување на потребите на граѓаните, општините и градот Скопје, ЈП Водовод и канализација – Скопје има воспоставено одлична соработка со локалните самоуправи и истата континуирано ја одржува.