Фото: Маја Јаневска-Илиева

На територијата на Скопје има околу 250 јавни чешми и фонтани, за чие нормално функционирање одговорни се вработените од jавното претпријатие „Водовод и канализација“. Летото е пред нас, a чешмичките и фонтаните им се потребни на граѓаните за освежување во жешките летни денови. Но на некои несовесни поединци, чешмичките и фонтаните им служат како кошнички за отпад, па во нив ги оставаат хартиите од својот појадок или догорчињата од цигари. Упорно некои и натаму продолжуваат да го прават тоа, додека други вандалски ги уништуваат и ги расипуваат. Скопјани често се сведоци на вакви слики со чешмичките и со фонтаните, бидејќи се спречени да ги користат. Но, исто така, факт е дека има и такви за кои треба да се погрижат вработените од „Водовод“. Некои фонтани и чешмички не функционираат и по населбите, а причините се различни поради кои не проработеле. Но, најчесто поради граѓанската негрижа за нив.

– Ние ги одржуваме секојдневно јавните чешми и фонтани, ги поправаме од дефекти, но има и такви што се кршат и се урнисуваат од страна на несовесни граѓани и не се функционални.
Оваа појава е скоро секојдневна, нашите екипи излегуваат на терен и ги санираат, но има и такви што се целосно уништени. Потоа се случува и да се фрлаат разни отпадоци или отпад, при што тие се затнуваат и одреден период се надвор од функција – потврдуваат и од ЈП „Водовод и канализација“. Од претпријатието апелираат до граѓаните да ги чуваат јавните чешми и фонтаните, бидејќи особено во летните и во топлите денови ни користат на сите нас. Останува на граѓаните да покажат поголема свест и грижа за јавните добра.