Јавноста повторно реагираше и побара стопирање на градежните зафати на Водно за изградба на Магистралната делница 5 од гасоводот, кој ќе поминува низ сртот на заштитената парк-шума Водно.

Голем број граѓански здруженија реагираа и побараа формирање работна група во која би биле вклучени членови од Министерството за транспорт и врски од „Македонски енергетски ресурси“, кои во соработка со Владата и со градот Скопје би требало да најдат заедничко прифатливо решение. Изградбата на гасоводот и претходно беше стопирана, а по кратка пауза продолжи. Првите 200 метри за ископ веќе се подготвени, а нема одобрение од градот и нема официјална одлука на Владата.

– Ги повикуваме сите засегнати институции да реагираат. Инспекторатот на градот Скопје, Државниот инспекторат за животна средина, „Паркови и зеленило“, сметаме дека овие институции треба да се изјаснат и да помогнат да го решат проблемот побрзо – вели еко-активистката Татјана Стојановска. Од граѓанските здруженија велат дека МЕР ги има обезбедено скоро сите потребни документи за градба. Документ со кој се оценува влијанието на животната средина и таа оцена е одобрена од Министерството за животна средина и просторно планирање иако немаат документ за дозвола на градба во заштитено подрачје. Исто така, иако не е специфицирано колкаво ќе биде влијанието на животната средина во заштитено подрачје, поточно колкав шумски предел ќе биде оштетен. Според тоа, самата студија е многу општа и како таква е прифатена и одобрена од Министерството за животна средина.

Таква студија претставува и онаа за патот на Сончев Град, која претставува чувствителна зона и според законот за природа е прогласен за предел со посебни природни карактеристики. Според тоа, треба да се направи нова студија, нова оцена за влијанието врз животната средина на заштитениот дел од парк-шумата. Во однос на изборот на делницата беа разгледувани 5 траси од кои 4 поминуваат низ северната, а една поминува низ јужната страна на Скопје. Изборот за јужната траса се одбира поради временскиот и финансискиот аспект. Кога би се спроведувала од северната би се минувало низ градежно и урбано земјиште, а наедно процесот на експропријација на приватното земјиште би бил долг и тежок.

­Сепак кога станува збор за зачувувањето на нашето природно богатство не смее да се гледа низ призма на финансиски и временски аспект. Затоа од здруженијата велат дека треба да се направи анализа и дали воопшто смее да се гради од јужната траса и да се утврди дали подобра опција е да се гради низ северната траса.