Под мотото „Улици за луѓе“ денеска во Аеродром се одржува Денот без автомобили. Улицата Васко Карангелески ќе биде затворена за сообраќај 12 часа, во периодот од 8 до 20 часот на потегот од булеварот Јане Сандански до крстосницата со улицата Владимир Комаров.
– Денешниов ден го искористивме за една хумана мисија која ја зацртавме пред 4 години, а се однесува на одржливата урбана мобилност. Она по што се разликува овој ден без автомобили од претходните е фактот што за прв пат во Скопје овој ден се организира надвор од Европската недела на мобилноста и за прв пат се затвора една градска улица во времетраење од 12 часа, за разлика од претходните затворања кои траеле симболични 2-3 часа – кажа градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.

Тој рече дека целта на оваа акција е стимулирање на алтернативниот начин на транспорт, алтернативното движење низ урбаните средини и граѓаните да видат дека можеме да живееме без автомобили.
Шилегов упати благодарност за оваа иницијатива до неформалната група велосипедисти „НаТочак“ која е долгогодишен партнер на градот во делот на унапредувањето на велосипедските политики.

Деновите без автомобили се едни од главните промотори на одржливиот транспорт, а ова е докажано низ многу примери во Европа и во светот.