Септември е месецот на нови почетоци, а најдрагиот почеток е исполнет со силен детски џагор, стартот на новата учебна година и настанот кој на едно место ги собира сите неформални активности и програми за деца и млади.

И овој септември Градскиот Парк ќе биде разигран со многу насмевки и возбудени детски лица на второто издание на После Часови – единствениот саем за воннаставни активности за деца и млади кај нас. Овој интерактивен настан ќе опфати голем број на области кои вашето дете ги посетува по завршување на училишните обврски – од уметност, спорт, музика, танц, ликовна уметност, пеење, едукативни центри и програми, изучување на странски јазици, училишен прибор и реквизити.

Второто издание на После Часови ќе имате можност да го посетите на 14 и 15 септември во најзеленото катче во нашиот град – Градскиот Парк, поточно на Школка. Овие два дена ќе бидат исполнети со разни забавни, активни и практични активности, а секое дете ќе ја има уникатната можност да го искуси и доживее сѐ она што го нудат најдобрите едукативни центри, организации, музички и уметнички студија и спортски клубови кај нас.

Целта на организаторите на овој настан, Моментум Инк., е на сите млади родители да им олесни во одговорот на прашањето „Дали Вашето дете квалитетно го поминува времето после часови?“. На овој настан сите родители ќе имаат можност од прва рака и на едно место да ги дознаат сите информации кои се поврзани со воннаставните активности на нивните деца – да се информираат за сите програми кои се достапни кај нас, услови, термини, да се запознаат со обучувачите, да ги запишат своите малечки на она кон што имаат најголеми афинитети и интерес на лице место по специјални цени!

Наскоро ќе биде објавена и целосната програма за настанот, затоа не пропуштајте да ги заследeте официјалните страни на Фејсбук и Инстаграм за да дознаете повеќе!

Настанот е отворен и бесплатен за сите, а ќе биде отворен на 14 и 15 септември со почеток од 10 часот, а ќе трае сѐ до 18 часот во текот на двата дена.