Фото: Маја Јаневска-Илиева

Град Скопје ги потсетува граѓаните дека сѐ уште е активен јавниот повик за
доделување субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци,
како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот.
Град Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето-износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции може да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Скопје.
– Субвенциите важат и за исчистени оџаци од 1.1.2021 година, a јавниот повик трае заклучно со 30.11.2021 година и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до исцрпувањето на средствата во износ од милион денари предвидени за оваа намена со буџетот на Град Скопје за 2021 година – велат градските власти.
Оттаму додаваат дека целта на овој проект што Град Скопје континуирано го реализира е намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5).

– Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите што не се приклучени на централно греење, пред сѐ, поради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување, употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовното чистење и одржување на оџаците. Познато е дека запуштените и неисчистени оџаци се голема опасност. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ10-честички е голема туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако не се спроведува редовно чистењето. Се препорачува оџаците да се чистат трипати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена – нагласуваат од Градот.
За потсетување, Град Скопје оваа мерка ја реализира и во 2018, 2019 и 2020 година, кога беа доделени околу илјада субвенции.