Во периодот од 19 октомври до први ноември, регистриран е еден нов случај на мали сипаници. Се работи за невакцинирано дете од возрасната група од 1-4 години од Скопје, информираат од Институтот за јавно здравје.
Случајот е лабораториски потврден и не е најдена епидемиолошка врска со друго заболено лице.
Заклучно со први ноември, вкупниот број на регистрирани случаи на мали сипаници во републиката изнесува 1.901, со стапка на заболување од 91,9 на 100.000 жители.
Од Институтот за јавно здравје додаваат дека сé уште е во тек епидемијата на мали сипаници на цела територија на Македонија.
Според резултатите од примероците испратени во референтната лабораторија за мали сипаници во Луксембург, циркулира генотипот Б3 дублин, кој циркулира и во соседните држави.
Во тек на 42-ра и 43-та недела во државата вакцинирани се вкупно 1.123 деца (од предучилишна и училишна возраст). Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 42.746 (во прикажаниот вкупен број на вакцинирани се вклучени и пропуштените и редовно вакцинираните деца со МРП вакцина).
Од почетокот на епидемијата до сега, во Центрите за јавно здравје, дополнително се аплицирани вкупно 6.295 дози на вакцина, од нив повеќе од 60 проценти кај здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, а останатите се контакти на заболени и лица над 14-годишна возраст.