Општина Центар на вонредна седница ја усвои одлуката за распишување на јавен конкурс за урбанистичкото уредување на локацијата, позната како поранешна фабрика „Треска“.
– Ќе се формира комисија која ќе биде составена од архитекти, сопственици на земјиштето и други кои ќе одлучуваат за тоа како ќе изгледа просторот. Според мојата проценка, за околу шест месеци веќе ќе се започне со работа на терен – вели Богдановиќ.
Советниците со 12 гласа „за”, изгласаа дека по пат на конкурс за урбанистичко решение ќе се решава за изгледот и содржината на она што ќе биде на опфатот на дел од ДУП Градска четврт З 11, локалитет Буњаковец 1 и Буњаковец 2.
– Дел од Советниците се натпреваруваа во гласност и се истакнуваа да се произнесат колку е важен приватниот интерес и правото на сопствениците, можеби и додворувајќи се на некои од инвеститорите присутни на седницата, најпрво во задните, а потоа во првиот ред, веднаш до градоначалникот. Тоа ми отвори сомнеж во чесните намери да се пристапи кон решавање на овој простор во градот и повторно да влеземе во игри каде формалниот конкурс би можел да се искористи како параван, а не да биде суштинска промена во планирањето на градот во партнерство со граѓаните, стручните лица и локалната власт, водени од иста цел – вели Јана Белчева која е претседателка на Советот и на таа позиција дојде како претставник на граѓанскиот сектор, односно иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“.
Во изборот и оценувањето на доставените конкурсни решенија за локацијата, општината ќе ја вклучи целата стручна јавност – Архитектонскиот факултет, Асоцијација на Архитекти и Комора на архитекти.
Советниците вчера во салата за седници на Општината, најпрвин се расправаа околу тоа дали да се продолжи со 41-та седница, или да се свика нова вондредна по предлог на градоначалникот.
Дискусијата внимателно ја следеа околу дваесетина заинтересирани граѓани од општината.