Симеон Саксобурготски/Фото: Принт-скрин

Синот на царот Борис Трети и поранешен бугарски премиер Симеон Втори (Саксобурготски) дал согласност за здружението од Охрид да го носи името на неговиот татко, објави „360 степени“, од каде што посочуваат дека имале увид во документите со писмената согласност со кои Централниот регистар го впишал здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари. Се наведува дека документите се јавно достапни со соодветно барање и платен надомест до Централен регистар.

– Почитуван господине Блажевски, со интерес дознав дека вие и вашите истомисленици сакате да основате културно-просветно друштво во Охрид. Ви благодариме за иницијативата ова друштво да го носи името на мојот татко цар Борис Трети. Вашиот предлог ме трогна и секако дека ја имате мојата согласност и мојата поддршка. Мило ми е што знам дека младите како вас имаат време и желба да се зафатат и со оваа задача, така што ќе се зачува во историската меморија. Ви посакувам успех во вашиот напор и се надевам дека ќе се видиме еден ден – пишува во преводот на изјавата од Симеон Сакскобурготски, адресирана до Томе Блажески, сегашниот претседател на здружението „Цар Борис Трети“.

Во однос на регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети“, Централен регистар преку соопштение посочи дека во законот за здруженија и фондации не се предвидени посебни одредби за спорни и негативни личности од историјата, како и дека во своето работење секогаш се води според постоечките закони.

Дополнително се појаснува дека се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица, согласност членот 65 и 66 од законот за здруженија и фондации.

Министерството за правда вчера информира дека до него не е доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација на здружението „Цар Борис Трети”, по медиумските известувања и партиските предупредувања дека здружението од Охрид веќе е регистрирано во Македонија, како и по реакцијата на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија соопштија дека се згрозени и навредени од регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид и од „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говор на омраза“.