Додека од Владата не излегуваат со поопширни информации за целата инвестиција, ниту, пак, се соопштуваат детали за висината на државната помош, првиот вицепремиер Артан Груби објави дека домашната интернационална компанија „Еколог“ ќе произведува електрични возила со „Некст.Е. Го мобиле“ во Тетово, а инвестицијата ќе биде тешка 720 милиони евра

Најавена голема странска инвестиција во ТИРЗ Тетово

И Македонија се вклучува во трката за производство на електрични автомобили, откако стана јасно дека Европа и светот од 2035 година ќе запрат со продажба на автомобили со мотори на фосилни горива и целосно ќе се преориентираат на возила со електричен погон.
Во таа насока, македонската влада на последната седница донесе одлука да додели државна помош за производство на електрични возила од марката „е-го“, кои ќе се произведуваат во нова фабрика што ќе се гради во ТИРЗ Тетово и каде што би требало да се отворат меѓу 3.000 и 4.000 работни места.
– На седницата беше усвоена информацијата и донесена Одлука за давање согласност на договорот за доделување државна помош склучен, помеѓу Владата на Република Северна Македонија, застапувана и претставувана од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, и „Некст.Е. Го мобиле“ – се наведува во владиното соопштение по седницата, без да се прецизира висината на државната помош што ќе ѝ биде доделена на германската компанија.
Од Владата уште додаваат дека ова е првпат во автомобилската индустрија кај нас да се продуцира целосен автомобил и првпат ќе се произведуваат електрични автомобили во земјава.

Додека од Владата не излегуваат со поопширни информации за целата инвестиција, ниту, пак, се соопштуваат детали за висината на државната помош, првиот вицепремиер Артан Груби објави дека домашната интернационална компанија „Еколог“ ќе произведува електрични возила со „Некст.Е. Го мобиле“ во Тетово, а инвестицијата ќе биде тешка 720 милиони евра.
Домашната интернационала компанија „Еколог“ ја доби како новорегистрирана германската стартап-компанија „Некст.Е. Го мобиле“, позната по тоа што се занимава со производство на мали електрични возила.
Истата компанија пред една година објави дека ќе инвестира 140 милиони евра во производство на електрични возила во Бугарија, а се очекува фабриката лоцирана северно од бугарскиот град Ловеч, каде што порано се произведуваше „москвич“, да ги произведе првите електрични возила во 2023 година. Првичните најави се дека во неа ќе се вработат околу 1.000 луѓе.
Тенденцијата на „Е-го“ на пазарот на електрични возила е да се позиционира во сегментот на мали градски нискобуџетни возила, а амбициите на овој нов производител се да постигне годишно производство од 20 илјади електрични возила.
Трендот на производство на електрични автомобили ја зафати буквално цела Европа, но и регионот. Имено, пред извесно време турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го промовира првото турско електрично возило „тогг“, чие масовно производство се очекува да започне до крајот на оваа година, а првите модели да стигнат до купувачите во првиот квартал на 2023 година.
Србија веќе потпиша договор со италијански „Фиат“ за производство на електрични модели во фабриката во Крагуевац, а спортски електрични автомобили од помал обем веќе се произведуваат во Хрватска.

Македонија во рамките на поранешна Југославија имаше помал удел во производството на автомобилски делови, а истата практика продолжи и во ТИРЗ Скопје, каде што се најдоа познати светски фабрики од автомобилската индустрија, како „Џонсон Контролс“ и „Џонсон Мети“, во кои се произведуваат делови за реномирани светски автомобилски гиганти. Во земјава белгиската компанија „Ван Хол“ има фабрика за производство на автобуси, додека „Дрекслмаер“ произведува автомобилски делови во своите фабрики во близината на Кавадарци и Куманово.
Уште на почетокот на 1990-тите години имаше обид во Македонија да се произведува автомобил, и тоа моделот „ауди А3“, но целата зделка пропадна без да бидат јасни причините зошто тогашните македонски власти ја одбија германската компанија. Е.Р.