Фото; МИА

Штрајкот во образованието се става во мирување, а учениците од утре се враќаат на настава, информира претседателот на СОНК Јаким Неделков, откако Советот на СОНК расправаше за известувањето од Министерството за труд и социјална политика за мирно решавање на колективниот спор.

– Штрајкот треба да се стави во мирување додека трае периодот на помирување и решавање на спорот помеѓу двата спротивставени табори, во согласност со законот. Тоа значи дека одлуката за влегување во генерален штрајк на СОНК ја ставаме во мирување додека не се реши спорот. Убедени сме дека ќе најдеме соодветни заеднички решенија онаму каде што застанавме во преговорите и дека нема да имаме потреба да го активираме штрајкот – нагласи Неделков.

Според Неделков, првично е предвидено помирувањето да трае 10 дена, со што процесот максимално би траел 20 дена. Тој истакна дека штрајкот повторно ќе биде активиран доколку нема усогласување со ставовите.

– Уште еднаш сакам да подвлечам дека доколку не се усогласиме со ставовите на Министерството за образование и наука, сакам да ја уверам јавноста и нашето членство дека штрајкот повторно ќе биде активиран – категоричен е првиот човек на СОНК, додавајќи дека се надева оти нема да дојде до тоа.

Неделков изрази надеж дека платите ќе бидат зголемени, дека дневниците за време на штрајкот нема да бидат скратени, како и оти колективните договори ќе бидат потпишани и утврдени со рокови.

– Во фаза сме на помирување. Би било добро да нема протест, за да не се врши дополнителнен притисок врз преговарачите, за на маса за преговори да имаме подобри резултати – заклучи Неделков.