Фото: Макфакс

Претседателот на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмајер, со цитати од Блаже Конески – „Јазикот е наша татковина“, од собраниската говорница упати молба до пратениците, но и до граѓанките и граѓаните на Македонија да не скршнуваат од патот кон ЕУ зошто сега не е време за националистички призвуци.

Штајнмајер во обраќањето до пратениците побара да се надмине последната пречка, а тоа се уставните измени. Притоа, тој ги спомена Петре М. Андреевски и романот „Пиреј“.

-Во романот на векот „Пиреј“, Петре М. Андреевски на впечатлив начин ја опишува судбината на Македонците Јон и Велика на почетокот на 20 век. Овој роман ни предочува, покрај сето страдање, дека има нешто што е посилно и поважно од националистичките интереси и политичките несогласувања. Нескротливиот копнеж за мирен живот. Тој копнеж верувам дека постои и денес, го има секаде во Европа, тој постои и тука. И 100 години по објавувањето на овој роман, дозволете на овој нескротлив копнеж за мир и слобода да му дадеме заедничка татковина во Европа – рече Штајнмајер.

Германскиот претседател, Штајнмаер, во обраќањето во парламентот за време на денешната посета во Скопје ја реафирмираше германската поддршка за членството на Македонија во ЕУ и порача дека уставните промени со кои Бугарите ќе се вметнат во Уставот се многу повеќе од собирање партиски поени. Не е време да се скршнува од европскиот пат, рече Штајнмаер.

-Кај оваа уставна промена станува збор за многу повеќе од собирање поени во внатреполитичката дебата, станува збор за многу повеќе од партиско-политичко или лично профилирање. Сега не е време да се западне во поедноставени формули и националистички призвуци. Мојата молба е, не губете ја од вид толку долго следената цел, тоа што е стремеж веќе 17 години, пристапувањето кон ЕУ. Сигурен сум за патот кон Европа вреди и следниот тежок чекор – рече германскиот претседател.

Штајнамер го поздрави изгласувањето на заклучоците во однос на францускиот предлог за кревање на бугарското вето и преговарачката рамка со ЕУ. Рече дека протоколот со Бугарија и потребните уставни измени се теми кои ги засегаат луѓето бидејќи станува збор за прашања од националниот идентитет, за македонската историја, јазикот и културата и сигурно дека е правилно овие дебати да се водат со страст.

-Сметам дека вие самите можете самоуверено да ги водите овие дебати, луѓето на Северна Македонија, вие ја обликувате и одредувате што ја сочинува вашата земја, вие решавате како треба да изгледа македонскиот идентитет денес и како тој треба да изгледа во иднина. Онака како што тоа го правите од пред 30 години, онака како што го формулираше тоа македонскиот писател Блаже Коневски кога кажа и кога напиша: „јазикот е нашата татковина“. Се надевам многу дека македонската култура наскоро ќе ја збогати културната различност во ЕУ и овие денови сум тука за да научам уште повеќе за тоа – порача Штајнмајер.

Додаде дека Германија ја почитува Македонија, а почитта се должи на крајно трнливиот пат кон ЕУ. Вашата земја, рече Штајнмаер, докажа политичка храброст.

-Охридскиот договор од 2001 и преспанскиот договор со Грција во 2018 покажуваат дека вашата земја го владее она што можеби е најтешка задача во демократијата воопшто: да се водат болни дебати, да се разрешуваат конфликти, да се прифаќаат компромиси и така на тој начин да се решаваат тешки проблеми- додаде Штајнмаер.

Германскиот претседател во говорот се осврна и на филмот „Медена земја“ и на пораката што го обиколи светот.

-Утре ќе разговарам со Атиџе Муратова и со авторите на филмот ‘Медена земја’. Муратова, која е една од последните диви пчеларки во Европа, кога таа собира саќе и мед им вели на своите пчели: ‘Пола за мене, пола за вас’. Оваа порака, на овој успешен македонски филм, кој истовремено е полн со значења, го обиколи светот. И ние ја знаеме во Германија. Во моите очи ‘Медена земја’ истовремено е две нешта: израз на гордата култура на една мала земја, а истовремено пренесува една уште поголема порака чие значење излегува надвор од границите на поединечната земја. Не смееме целосно да ги искористиме даровите од природата, ниту неповратно да ја уништиме нашата животна средина. Ова е задачата пред која е исправено човештвото и ние во Германија сакаме да соработуваме на ова поле – додаде Штајнмајер во своето обраќање.