И со антибиотик и без антибиотик, грипот трае седум дена

Грипот зема замав и се повеќе ги заразува пациентите, кои, пак, го опишуваат како мачен. Висока температура, која знае да се повтори и по ден-два пауза па пациенот да се залаже дека поминал, болки во зглобовите, изнемоштеност, кашлање се само дел од симптомите на грип. Неговата сезона е во пандемија на коронавирус, па пациентите знаат да се збунат околу тоа од што се болни. Матичните лекари велат дека ги разликуваат симптомите на двата вируси, и иако најсигурно се прави разлика со тестови, тоа не може да си го дозволат за сите болни.

Матичните доктори на почеток се соочуваа со диференцијално-дијагностички проблем за разликување на коронавирусот од грипот. Меѓутоа, како што објаснува д-р Горан Аврамовски, симптомите денес се лесно препознатливи.

Д-р Горан Аврамовски/Фото: Приватна архива

– Болните од грип обично брзо развиваат високата температура, од 38,5 до 39 степени Целзиусови. Потоа, тие брзо добиваат и болки во коските, зглобовите и мускулите, имаат сува кашлица и чувствуваат омалаксаност. Тоа се главните показатели дека станува збор за заболени од грип, додека кај заболените од коронавирус симптомите се појавуваат малку побавно. За да бидеме сигурни, најдобро е да се прават ковид-тестови, бидејќи сега имаме и ситуации каде што некои пациенти можат да бидат заразени и со грип и со коронавирус истовремено – објаснува д-р Аврамовски.

Докторите ги следат сите протоколи, се прават крвни слика и се дава соодветна терапија. Исклучително важни е да се прават редовни контроли на 2-3 дена, како и да се мери сатурацијата кај пациентите заболени од ковид-19.

– Сега е сезона на грип, така што најдобро е граѓаните да избегнуваат мешање со други луѓе, при што со почитување на мерките за ковид-19, со одржувањето на дистанца и носењето маска, истовремено тие ќе се заштитат и од заболувањето со грип – посочува д-р Аврамовски.

За да се намали бројот на заболени со грип, се препорачува граѓаните, а посебно хронично болните лица, дополнително да бидат внимателни, да внимаваат и да го зајакнат нивниот имунитет со внесување на витамини и течности, како и да седат во соодветно топли простории. Сепак, додава д-р Аврамовски, најдобра заштита против овој вирус е вакцинирањето.

Најголемиот пик со заболени од грип се јавува најчесто околу февруари, кога температурите варираат околу 18 степени Целзиусови, па се до паѓање на нулата. Измамени од сончевите зраци и убавото време во текот на денот, граѓаните излегуваат од топло на ладно, не се облекуваат со дебела зимска облека и го изложуваат организмот на ризик.

– Периодов имаме повеќе пациенти со настинки и грипозни состојби. За разлика од коронавирусот, кој не предизвикување ринореа или капење од носот, кај пациентите со грип прво 2-3 дена тече носот, а потоа следуваат трески, болки во коските и изнемоштеност – објаснува д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателката на Здружението на приватни лекари.


Таа објаснува дека разликата меѓу грипот и коронавирусот е тоа што заболените од грип не се гушат како што тоа е случајот со коронавирусот, односно кај нив такви симптоми нема. Разлика постои и во крвните слики кај пациентите. Здравствените работници во најголемиот број случаи се потпираат и го користат нивното знаење, бидејќи здравствениот систем нема можност масовно да ги тестира сите случаи.

– Најважно е да не предизвикуваме паника кај граѓаните, бидејќи голем дел од пациентите веќе се вакцинирани, а ние постојано се консултираме со нив и телефонски, за да не предизвикаме блокирање на болниците. Но, не можеме така да ги лекуваме, бидејќи преку телефон не можат да се утврдат вистинските состојби на пациентите – објаснува д-р Чолакова Дервишова.

Таа додава дека овде важи старата поговорка: „И со антибиотик и без антибиотик, грипот трае седум дена“. Иако симптомите и лекувањето кај секој пациент е различно, проблемот всушност може да настане и да се појави поствирусно, односно кога ќе се појават бактериски компликации кај пациентите. Апелира пациентите да не земаат антибиотици на своја рака.

– Дел од заболените имаат одличен имунитет и поминуваат полесно, со пиење на многу течности и без антибиотици. Апелирам сите пациенти навремено да бидат прегледани кај своите матични лекари, да им се дава терапија. Да не дозволиме да дојде до блокирање на болниците, ниту до создавањето на паника – вели д-р Чолакова Дервишова.

Сезонава бројот на заболени од грип е за 3,6 пати поголема во споредба со ситуацијата лани. Голем е процентот на заразени од инфлуенца се во Дебар, дури 38 отсто, додека во одредени градови грип речиси и нема. Минатата година од грип заболеле 1.148 лица, додека вакцинирани биле 49.010 граѓани.

Од Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле информираат дека бројот на заболени со коронавирус е сѐ помал, а поголем е бројот на заболени со грип и други респираторни вируси.


– Грипот започнува со течење на носот, болки во грлото и покачена температура. Бројот на позитивни на ковид-19 сѐ повеќе опаѓа, додека бројот на деца кои се заболени со грип се зголемува. По прегледите, им се дава терапија за домашни услови и потоа тие повторно доаѓаат на контрола во установата. Во принцип, нивната клиничка слика е лесна и досега не сме имале деца кои имале некои поголеми последици од грип, нивната состојба брзо се враќа во нормала – изјави Бесник Зекири, директор на Институтот.