Фото: Архива

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата во врска со Договорот за изведба на Клиничка болница – Штип, пришто е разгледано и усвоено решение за динамично завршување на изградбата на новиот објект на болницата, согласно законските процедури.

Целта е, соопштија од владината прес-служба, граѓаните на Штип и вработените да добијат во најскоро време клиничка болница по современи стандарди, посебно што во Клиничката болница работи, како што е соопштено од Министерството за здравство, високо стручен медицински кадар и во болницата се лекуваат граѓани и од поширокиот источен регион.

– За таа цел се активираат процедури, што ќе овозможат завршувањето на изградбата на новиот објект на Клиничка болница – Штип, да се одвива со засилена и прецизно утвдена динамика, се наведува во соопштението.

Задолжени се Министерството за здравство, проектната единица и надзорот да подготват „Проект на изведена состојба“, односно пресек на досега изведените работи, во рок од 42 дена. Задолжена е Проектната единица, по направениот пресек на состојбата, во соработка со Бирото за јавни набавки, да подготви нова, тендерска документација и биде објавена јавна набавка во рок од 30 дена.


Се воспоставуваат два заеднички гранични премина со Косово

Владата на денешната седница го разгледа и усвои Извештајот за извршени преговори со Владата на Косово за заеднички гранични премини: „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце – Глобочица“ и го разгледа и прифати усогласениот текст на Договорот помеѓу двете влади за воспоставување на овие два заеднички гранични премина.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски е задолжен во име на Владата на  Македонија да го потпише договорот.

– Целта на склучувањето на овој договор е воспоставување заеднички гранични премини „Јажице – Глобочица“ – за поедноставување и олеснување на движењето на лица, возила, влез и излез на товарни моторни возила, како и „Блаце – Елез Хан“ – за поедноставување и олеснување на движењето на лица, возила и стоки – информира владината прес-служба.