Фото:З.А

Печуркарите од кичевско со нетрпение го очекуваа резултатот од интензивните врнежи од дожд во претходните две недели, за конечно да имаат солидна есенска реколта, бидејќи последниве две до три години родот на шумската печурка, вргањ и лисичарка, беше просечен а во некои години и многу слаб.

-Благодарение на врнежите од дожд од пред недела-две есенската печурка во нашиот регион ја имаше,но во нешто помали количества и со слаб квалитет. Најплоден со печурки беше беше регионот на Зајаско, а нешто помалку и во останатите делови од општината. Откупната цена за свеж вргањ првично изнесуваше 150 денари за потоа цената се спушти на 100 денари, која е актуелна и денес – истакна Јане Јанески, собирач и откупувач на печурки кој долги години се бави со оваа дејност.

Тој исто така кажа дека зачудува и фактот што годинава есенската печурка како ретко кога досега има многу лош квалитет, била црвлива и по малку иструлена, што не било карактеристика за овој тип печурки во овој период од годината, бидејќи есенскиот вргањ важи за најквалитетен.

– Се уште ја чекаме цената за сувиот вргањ која во најголема мерка ќе зависи од понудата и побарувачката. Количествата на откупен сув вргањ не се премногу големи, но ако се има предвид квалитетот на свежиот вргањ, тогаш единствено решение е печурката да се исуши – додаде Јанески.

– И во бродскиот регион печурката ја има само во одредени делови но и таму како во кичевско квалитетот на печурката не е најдобар а тоа е причина и откупната цена да биде нешто помала отколку во претходниот период – истакна Сиљан. М. печуркар од овој регион.

З.А