Во тетовско Фалише почна да се копа бунар на 50 метри длабочина во земјата со цел да се најде извор со вода како решение на тоа што 14 дена во ова и во село Сараќино има прекин во водоснабдувањето, објавува МИА. Јавното комунално претријатие „Тетово“ две недели не успева да го најде проблемот и дефектот кај постоечкиот 12 километри долгиот водоснабдителен систем од реонот на Калник и Палчиште, па е одлучено да се најде вода со т.н. бушотина.
– Во Фалише порано имало бушотина направено, на истата локација сега се прави соодветна бушотина, која ќе биде можност да се снабдат жителите на Фалише и Сараќино со вода за пиење во истиот цевковод. Со тој бунар ќе ги опслужуваме само Фалише и Сараќино. До 50 метри се копа за да се најде вода. Се копа за цевки со ист профил колку што има во вододовната мрежа. Еднаш ќе се направи бушење, ќе се стават пумпи и со фреквентен регулатор за одржување и регулирање притисок на вода како и нивелирање на водени удари, пресметано ќе ги опслужуваат двете села – објаснува Љуљзим Шаќири, раководител на работната единица „Водовод“ при ЈКП Тетово, во изјава за МИА.
Во комуналното претријатие нема одговор кога конечно ќе се реши прекинот во водоснабдувањето.
– Се зависи од тоа каква е земјата, подземјето, малу е тешко, се наоѓа локацијатана некогашна притока на река се наидува на карпа, се додека не се избуши нема продолжување. Може да биде единствената. Никој не знае. Важно е што е најдено решение за проблемот, граѓаните да бидат трпеливи, после ова нема да има проблем, ќе има нормално водоснадување – вели Шаќири.
Според него, нема да се остави ниту стариот водовод. Објаснува дека при секое пуштање на вода низ цевководот наместо 15-20 литри во секунда излегуваат од два до пет литри вода во секунда што укажува дека некаде и понатаму има затнување во цевките.
-Тоа е мала количина и затоа не се чувствува во селото. Мала количина која не дава никаква сигнали. Втората недела вака тече, но проблем имаме што работиме на туѓи имоти и тоа е тешко. Некаде треба да се копа, подземна инфраструктура, се прави штета, од една страна, од друга страна нема точна евиденција за трасата, измената е трасата при градба на автопатот – вели Шаќири.
ЈКП Тетово побарале од Центарот за управување со кризи и добиле цистерна со која велат дека засега се снабдуваат жителите со техничка вода.