Фото: МИА

Средното општинско училиште „Гошо Викентиев“ од Кочани потпиша протокол за збратимување со „Чанаккале Колеџи“ од Република Турција, со кој се воспоставува непосредна соработка, размена на искуства и унапредување на едукативниот процес меѓу двете образовни институции -пренесе МИА.

Во рамки на соработката предвидено е ученици од кочанското техничко училиште да се обучуваат за изработка на беспилотни летала, електрични возила и ракетна техника. Исто така, училиштето ќе има и активна улога во организирањето обуки и подготовки за меѓународниот технолошки саем, „Техно Фест” во Република Турција.

-Целта на протоколот е воспоставување програма за размена меѓу училиштата и реализација на технолошки и културни проекти со ученици и наставници. Протоколот за збратимување и соработка, што го потпишаа директорите на двете училишта, Спирко Златков и Ајнур Имре, опфаќа и социјални и академски проекти, како и меѓусебни посети – информираат од СОУ „Гошо Викентиев“.

Во рамки на четиридневната посета на градот Чанаккале, менаџерскиот тим на „Гошо Викентиев“ договори кочанското училиште да биде домаќин на првата заедничка средба помеѓу учениците и професорите од двете образвони институции. Средбата ќе се реализира во текот на ноември годинава.