Фото: Пиксабеј

Викендов во земјава се отвора ловната сезона на крупен дивеч за периодот 2024-2025 година. Во општина Кичево има три ловечки друштва и тоа најголемото и најстаро ловечко друштво „Елен“ и нешто помладите „Еко-Фазан“ од Осломеј и „Сокол“ од село Зајас. По низа години континуиран пораст на бројот на ловџии во Кичевско, годинава за прв пат нивниот број е нешто помал а причини за овој пад има повеќе, нагласи претседателот на ловечкото друштво „Елен“, Коце Наумоски.

-За оваа ловна сезона во нашето ловечко друштво имаат аплицирано 350 ловџии кои ја подмириле таксата од 6.000 денари до 31 август. Оние ловџии кои ненавремено ја платиле таксата можат дополнително да се пријават, а за нив таксата ќе изнесува дополнителни 1.000 денари или 7.000 денари, а сите заинтересирани кои имаат желба еднократно да ловат треба да платат 600 денари за дневна дозвола. За жал годинава во најголемото ловечко друштво „Елен“ имаме нешто помал број на пријавени ловџии или вкупно 350 наши сограѓани изразиле желба и годинава да продолжат со лов за разлика од претходните години кога имавме над 400 ловџии во нашето друштво – истакна Коце Наумоски претседател на „Елен“, кој наведе дека во двете преостанати друштва членуваат околу 250 ловџии од кои 150 во ловечкото друштво „Еко-Фазан“ и нешто над 100 во ловечкото друштво „Сокол“.

Претседателот ги наведе причините за намалениот број на ловџии сезонава.

-Беше очекувано бројот на ловџии во ова календарска година да се намали а причината лежи во заминувањето на младите на печалба во странство и помалиот интерес за ловство на наши сограѓани поради болеста кај свињите Африканска чума, која за жал и претходната сезона беше регистрирана кај неколку уловени диви свињи и кога беа уловени над 400 примероци диви свињи. Ловната сезона ќе трае до крајот на месец јануари или на располагање на нашите ловџии им стојат 22 ловни дена – додаде Наумоски.

Инаку. бројноста на дивите свињи во кичевско е во пораст а во неколку села како Лисичани и Речани, а тие направија штети врз земјоделските култури. З.А.