Во Прилеп во тек се градежните активности за реконструкција на водоводната мрежа во централното градско подрачје викано Карабдалица, еден од капиталните проекти што се реализираат во Прилеп.
– Оваа водоводна мрежа е стара речиси седум децении, а нејзината замена беше повеќе од неопходна. Со овој проект ќе се реконструираат вкупно 1.240 метри водоводна линија, при што старите азбестцементни цевки ќе бидат заменети со нови, со поголем капацитет, што значително ќе го подобри водоснабдувањето во овој дел од градот.Ќе се постават 124 приклучоци, 7 нови хидранти за зголемена безбедност и ќе се изведат 18 јазли. Моментално, работите се одвиваат на улицата Стеван Димески – Ништакот, каде веќе се заменети 140 метри од водоводната мрежа со профил DN 90 и 25 метри со профил DN 40. Инсталирани се 15 приклучоци и поставени 3 јазли. Овој проект е дел од пошироката стратегија за подобрување на инфраструктурата во Прилеп, а неговата реализација е овозможена со поддршка од Владата на Република Македонија – вели градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.
Паралелно со овој проект, се одвиваат постапките за останатите два капитални проекти.
– За изградбата на дел од улицата Победа веќе имаме изведувач со најниска понуда, а според законските временски рамки, очекуваме до 15 февруари да го потпишеме договорот и да започнеме со реализација на терен.
Што се однесува до изградбата на кружниот тек на Табана, постапката е во завршна фаза и очекуваме до 18 февруари да имаме избран изведувач за овој проект, кој е од огромно значење за регулирање на сообраќајот во овој дел од градот-вели Јовчески.
Во наредниот период ќе биде објавен нов јавен повик за поддршка на локалните самоуправи од страна на Министерството за Локална самоуправа. Општина Прилеп е целосно подготвена со нови инфраструктурни проекти, на кои интензивно работеле во Секторот за Урбанизам и Јавното претпријатие ЈП ЗА ПУП. Штом ќе бидат објавени условите и критериумите на повикот, Општината ќе аплицира со доволен број на проекти, во рамки на финансиските средства предвидени за Прилеп, кои изнесуваат околу 8 милиони евра – рече Јовчески.
Ка.М.