Фото: З.А.

На почетокот на месецов започна редовното чистење на коритото на градската река-Сушица во Кичево. Екипи на ЈКП„ Комуналец“ Кичево, ја извршуваат работата со една машина и со група работници од истото претпријатие. Во изминатиот период исчистен е околу еден километар од речното корито и ако послужи времето, од компанијата очекуваат во наредните две до три недели речното корито на Сушица да биде целосно исчистено.

– Нашата компанија традиционално пред почетокот на зимата го чисти коритото на градската река – Сушица, и ја отстранува високата трева и милта што е надојдена во речното корито при повисок водостој. Со овој зафат ќе овозможиме и при обилни врнежи од дожд или снег,речното корито да има многу поголем капацитет и да нема опасност од излевање. Засега работата е завршена до половина од должината на реката и ако ни дозволат временските услови,нема поинтензивни врнежи во наредните две-три седмици, планираме целосно да ја завршиме оваа работа и да го исчистиме коритото по целата негова должина од два километри, која градот го дели на два дела – истакна Зенел Јонузи од ЈКП„ Комуналец“.

Јонузи најави дека и во понатамошното чистење на речното корито ќе биде ангажирана една машина и повеќемина вработени, помагатели на оваа еколошка акција. З.А.

Фото: З.А.