Само 4,5 отсто од населението во руралните средини се информира за работењето на општините преку нивните веб-страници, што упатува на фактот дека електронските алатки за комуникација со општините речиси и да не се користат. Одењето на шалтер директно во институцијата е сеуште најкористен начин за комуникација со локалната администрација и добивање на услугите за дури 48 отсто од населението во руралните средини.

Од друга страна пак, дури 56,8% сметаат дека електронското издавање на локалните услуги ќе го намали времето на чекање за добивање на услугите, ќе се зголеми ефикасноста на администрацијата, но и ќе се овозможи еднаков пристап на сите граѓани до услугите.

Она што ги спречува во користењето на е-услугите се недоволно информации за достапноста на електронските услуги, недоволно развиени дигитални вештини и познавања на дигиталните алатки за комуникација со општините, отсуство на упатства чекор-по-чекор за добивање на услугите, но и недоволна сигурност во електронското издавање на документи.

Се смета дека отворањето на инфо-точка во секоја од општините за е-услуги многу ќе го олесни преминот од шалтер кон електронско издавање на услугите, велат од Рурална
коалиција.

Според нив, руралните општини се соочуваат со бројни предизвици во процесите на
дигитализација на услугите. Немаат соодветна информатичка технологија и структура, за жал се соочуваат со недостиг од професионални кадри, информатичари кои што поради систематизацијата на работните места и не доаѓаат да работат за пониски примања од оние кои што се реални во секторот, а од друга страна и на локалното население му е потребна поддршка за користење на е-услугите која што исто така во голема мера треба да ја обезбеди општината за да имаме зголемено користење на услугите.

Ваквите резултати и заклучоци се дел и од 9-месечниот засилен мониторинг и работа на терен со локалното население и општините Кривогаштани, Старо Нагоричане и Врапчиште, а во насока на унапредување на достапноста на квалитетни локални е-услуги кои што ќе ја олеснат секојдневната комуникација на граѓаните со општините, но и ќе овозможи активно вклучување на граѓаните во процесите на креирање на е-услугите на начин кој што е прилагоден на нивните потреби, а воедно и лесно достапен и разбирлив за употреба. Тоа беше дел од проектот „Достапност на локалните е-услуги – чекор напред или чекор назад во реформата на јавната администрација – финансиран од Европската Унија. Ка.М.