Фото: З.А

По нешто повеќе од 12 месеци се назира крајот од изградбата на новата општинска зграда во Кичево, во која претходно беше сместена Командата на гарнизонот Кичево во периодот на ЈНА, а последните три децении под забот на времето се претвори во руина, во која често престојуваа бездомници и улични питачи кои од другите градови доаѓаа во Кичево.

– Кон крајот на оваа или почетокот на наредната календарска година ќе заврши изградбата односно реконструкцијата на новата општинска зграда во Кичево. Во изминатите 14 месеци целосно е реконструирана внатрешноста на објектот, поставена е нова електрична мрежа, изградени се нови санитарни јазли на сите катови, а поставен е и нов инвентар кој ќе го користат вработените во ЕЛС Кичево. За довршување на овој капитален објект преостана асфалтирање на патот што води до објектот и партерното уредување со бекатон плочки на површина од 600 метри квадратни. Новиот објект ќе биде еден од најфункционалните од овој тип во државата – потсетуваат од општината.

Средствата за оваа намена во износ од 1 250 000 евра се обезбедени преку ТАВ програмата.

Во изминатите три децении поради недостаток на соодветен простор повеќе служби од општина Кичево беа лоцирани во повеќе објекти низ градот, а со изградбата на новата општинска зграда се очекува најголемиот дел од овие служби покривот над главата да го најдат токму во оваа зграда, па граѓаните нема да имаат потреба да го шетаат градот за да ги извадат потребни документи, туку се ќе можат да добијат на едно место и под еден покрив.
Во старата општинска зграда која е на оддалеченост на околу 300 метри, ќе останат единствено подрачните одделнија од повеќето министерства кои функционираат на локално ниво.

Граѓаните се презадоволни што некогашното ругло во центарот на градот ќе добие нов лик и вистинска намена.

– Мораме и можеме да бидеме задоволни што по 33 години поранешната Команда на гарнизонот Кичево го промени својот лик и ќе добие соодветна намена. На овој простор беше многу непријатно да се движиме во ноќните часови, бидејќи целиот простор беше целосно во темнина – вели Крсте Трајаноски граѓанин.

З.А