Градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски денеска беше заедно со првачињата, поздравувајќи ги и посакувајќи им успешен почеток на учебната година.

– На првачињата им посакав да се радуваат на овој ден бидејќи денес започнува една нова фаза од нивниот живот, каде ќе се стекнат со многу знаења и вештини во текот на образовниот процес кој ќе им овозможи да се развиваат и изградат како индивидуи, а со самото тоа ќе си овозможат и подобра иднина бидејќи образованието е чекор кон успехот.

Општина Новаци и оваа година доделува еднократна парична помош на семејствата со прваче во висина од 6.000 денари. Целта на овој проект е да се олеснат трошоците на родителите за новиот ученик во семејството, изјави градоначалникот на Новаци Стевче Стевановски.

– Ова е втора година како нашите првачиња добиваат еднократна парична помош со овој износ. Сметаме дека на овој начин ги враќаме парите назад кај граѓаните, овозможуваме пријатен почеток на првата учебна година и подобри услови во образовниот процес за секое дете – рече Стевановски.

Вкупно 224 ученици се запишаа во ЦОУ „Славко Лумбарковски“ во Новаци, во учебната 2022/2023 година. М.М.