Со црковно-народен собир, изминатиот викенд беше осветен големиот крст изграден во дворот на црквата „Свети Никола“ во село Букојчани, Кичевско. Кога крстот ќе светне во вечерните часови може да се забележи и од неколку километри далечина, а истиот е изграден благодарение на спонзорите и прилозите од месното население.

– Големиот крст кој минатата година го започнавме со градба во дворот на црквата „Свети Никола“ во село Букојчани, неодамна беше целосно завршен, а изминатиот викенд и осветен. Крстот има височина од 12 метри и ширина на краците што изнесува 6 метри. Изградбата на крстот ја помогнаа како селаните со доброволни прилози исто така и спонзори кои во значителна мерка придонесоа да биде финализиран овој проект. Големиот крст е осветлен и може да се забележи и од поголема далечина во ноќните часови кога ќе светне. Заедништвото на жителите од село Букојчани помогна и пред извесен период да биде реновирана селската црква, на која потоа беше извршено и реосветување – истакна Драган Стојаноски, член на црковниот одбор во село Букојчани.

Осветувањето на крстот во село Букојчани го изврши свештеникот Александар Матески од кичевското архиерејско намесништво. З.А.