На последната седница на Советот на општина Битола, опозицијата остро ја критикуваше работата на Комисијата за проценка на штетите од земјотресот.
Според советникот на ЛДП, Валентин Груевски Комисијата за проценка на штетите од земјотресот во Битола, којшто се случи на почетокот на јануари, сѐ уште не излегла на терен.
– Ние имавме една иницијатива во која баравме Владата да донесе заклучок со кој ќе ги обештети граѓаните веднаш по земјотресот. Денес, 70 дена по донесувањето на таа одлука Општина Битола сѐ уште не започнала со проценка на штетите. Владата беше во Битола донесе заклучок и вети дека ќе обештети што може да се обештети, меѓутоа сѐ уште не е почната проценката на штети од Општина Битола. Од Комисијата, иако на првиот ден кога зборувавме да се формира не нѐ послушаа, после два месеци ја дополнија Комисијата, меѓутоа сѐ уште не се излезени на терен. Не знам дали Општина Битола во законскиот рок ќе стигне да ги процени сите штети од земјотресот – песимист е Валентин Груевски, советник од ЛДП.
Битолчани кои претрпеа штети од земјотресот се гневни затоа што утврдувањето на штетите бавно се одвива, а многумина од нив во зимскиот период, не можејќи да ја чекаат Комисијата, со сопствени средства ги санираа последиците од земјотресот, што се одрази на нивниот материјален статус. М.М.