Со панихида и полагање цвеќе на рускиот спомен-крст на Германските гробишта во Прилеп денеска беше одбележан 1 Август – Денот на сеќавањето, во организација на Амбасадата на Руската Федерација, во соработка со Општина Прилеп и Македонско-руското друштво од Прилеп.
На Германските гробишта се погребани десет руски војници кои загинале на македонска територија за време на Првата светска војна.

Рускиот амбасадор во земјава, Дмитриј Зиков, истакна дека пожртвуваноста, храброста и верноста кон воената должност на загинатите војници засекогаш ќе останат во сеќавањето.

Одговарајќи на новинарско прашање за односите меѓу Русија и Македонија, Зиков оцени дека тие не се на нивото што двете земји би го посакувале, но изрази надеж дека во иднина ќе се подобрат.
– Мојата должност и должноста на Амбасадата е да работиме на подобрување на односите меѓу двете земји – изјави рускиот амбасадор Дмитриј Зиков.
































