Изгаснат пожарот во депонијата близу Волковија

Засега е ставен под контрола големиот пожар што пред два дена избувна на депонијата кај селото Волковија, во општината Брвеница. Според досегашните сознанија, изгореле илјадниците тони разновиден смет поради што се кренал чад и се создала смрдеа што го покриле Тетовско-гостиварскиот Регион.

Како што соопштија од Територијалната противпожарна единица во Тетово, нивните екипи биле присутни дури 15 часа на самото место, за да го локализираат пожарот. Оттаму додаваат дека е потребно да се интервенира одвреме-навреме за да не се отвори ново жариште.
– Пожарот не може да се прошири на друго место зошто е локализиран од наша страна. Ние се трудиме да го имаме под контрола тој пожар, но чадот се проширил низ Полошкиот Регион и создава многу проблеми и за нас пожарникарите што сме близу и стоиме до пожарот. Се знае, кога депониите се палат, тие и внатрешно се палат, горат. Покажува еднаш дека сѐ е изгаснато, ама пак се пали од внатрешната на депонијата, од ѓубрињата што ги има внатре и затоа има постојано чад – изјави Авни Амети, командир на ППЕ од Тетово.

Опожарената депонијата, која е со големина колку фудбалско игралиште, се наоѓа на нива среде полошкото поле во близината на селото Волковија. На оваа нива претпријатието „Еколивинг“ ДООЕЛ Чегране-Гостивар добило концесија од Министерството за животна средина да направи депонија за фрлање комунален отпад и таму се депонира отпадот од општината Брвеница и околните села. Од Општина Брвеница велат дека концесијата за собирање на отпадот оваа фирма ја добила во септември 2021 година, на само еден месец пред локалните избори.

По веста за пожарот, новинарски екипи се упатија кон депонијата, но од страна на нејзиниот сопственик беа спречени да ја извршат новинарската работа. Сопственикот со груби зборови и со закани се обрати кон новинарите, не дозволувајќи да се снима. Не помогна ниту убедувањето од страна на полицијата, сопственикот не дозволи новинарите да дојдат до местото на пожарот. Ц.Х.