Изложба на познатиот уметник и историчар на уметноста Гоце Божурски од Куманово
кој воедно е учесник на меѓународната ликовна колонија „Кавадарци – Михајлово 2023“ беше отворена синоќа во музеј-галеријата во Кавадарци во присуство на голем број љубители на уметноста.

Гоце Божурски зад себе има триесетина самостојни изложби и учество во стотина групни изложби во Македонија и во странство. Добитник е на десетина национални и
меѓународни награди. За Божурски значајно е да се издвои дека скоро четири децении се занимава со ликовна критика и автор е на стотина текстови, осврти и критика за многу македонски и странски уметници. Објавувал во весници, списанија, предговори во каталози, а бил и постојан соработник на „Ликовен живот“ кој излегуваше во Белград како и „Global Art in the Mastersof Today“.

По првиот посериозен исчекор со монографски текст за надрелистичкиот сликар Иван Оцепек-Цицо, ги има објавено монографиите за „последниот македонски кубист“ Реџаи Исеини, за Димитар Стојчевски, за Добри Трендафиловски- Добрин, Ѓорѓе Шијаковиќ, книгата „АртМемориам“- посветена на творештвото на на најстарата генерација современи кумановски сликари, како и книгата Наива која опфаќа триесет македонски уметници од оваа област. За средината на септември се очекува да биде издадена и монографијата нашиот најзначаен скулптор – наивец Крсто Славковски.

Гоце Божурски има работено како кустос во уметничката галерија во Куманово, беше директор на кумановскиот театар и долгогодишен (скоро две децении) советник за ликовна дејност во министерството за култура. Ми.М.