Почетокот на градежните активности за обнова на планинарскиот дом ги израдува битолчани

По повеќе од 10 години

По повеќе од 10 години, деновиве со поставувањето на темелите почна обновата на планинарскиот дом „Копанки“. Почетокот на работите околу обновата беше повод градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, заедно со раководната структура на планинарскиот спортски клуб Пелистер и дел од административните работници инженери, деновиве да се искачи на „Копанки“ и да изврши увид како се одвиваат градежните работи.

– Откако со новиот проект се урна старата конструкција на домот, се направи ископ за поставување на темелите и армирање на бетонските столбови, а со поставување на првата бетонска површина веќе е започнато бетонирање на темелите – информира градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Тој изрази надеж дека за неколку дена ќе биде завршена првата фаза од обновата на домот. Натамошното продолжување на градежните работи многу ќе зависи од временските услови дали со истата динамика ќе продолжи реконструкцијата.
– Ова е место за кое сите битолчани сме длабоко емотивно врзани, но и сите љубители на планината очекуваат овој објект конечно да се заврши. Се надевам дека временските услови ќе ни бидат во прилог и заедно ќе бидеме сведоци на изградба на овој објект – вели градоначалникот Коњановски.

Почетокот на градежните активности за обнова на планинарскиот дом во голема мера ги израдува битолчани, кои се надеваат дека по повеќе од една деценија конечно ќе биде обновен и дека не само тие туку и сите љубители на планината и планинарите во блиска иднина ќе можат да ги користат неговите услуги.

– Конечно, по 10 години, дочекавме да почне обновата на „Копанки“. Иако сега не е време за тоа, сепак мора да признаам дека многу ми е криво што изгубивме цели 10 години во меѓусебни расправии, кавги, опструкции за обновата на домот. Доколку се имаше малку чувство на одговорност, досега домот не само што ќе беше реновиран туку и ќе работеше – вели претседателот на ПСК Пелистер, Диме Попов.

За одбележување е и дека обновата се совпаѓа со периодот кога во советот на Општината се води жестока политичка пресметка меѓу донеодамнешните неформални коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и Поинаку за (не)изгласувањето на ребалансот на буџетот, во кој се предвидени средства во износ од три милиони денари за обнова на домот.

Инаку, кога станува збор за реконструкцијата на „Копанки“, уште од првиот ден по пожарот домот го следат доста контроверзии.

Иако уште наредниот ден, по катастрофалниот пожар, кој се случи на 29 јануари 2013 година, кога до темел изгоре планинарскиот дом „Копанки“, на Пелистер се искачи тогашниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, со целата своја екипа од општината, и вети брза обнова, цели 10 години се тапкаше в место. Во мандатот на Талески, иако се ветуваше целосна обнова на домот, не се случи ништо. Тогаш тој се правдаше дека домот не бил легализиран и затоа се почна процедура за негова легализација, која беше успешно завршена.

Подоцна, кога на власт дојде бившата градоначалничка Наташа Петровска, таа наместо да ја почне обновата на домот, ја оспори легализацијата на објектот и почна маратонски судски процес, за на крајот, по неколку години судење на локалната самоуправа и ПСК Пелистер, Вишиот управен суд да пресече дека домот му припаѓа на планинарско-спортскиот клуб Пелистер.

Со уважувањето на жалбата на здружението „Планинарски спортски клуб Пелистер“, од страна на Вишиот управен суд се поништени решенијата што во изминатиот период беа донесени од страна на Општина Битола и Министерството за транспорт и врски, со кои беше оневозможено обновувањето на планинарскиот дом „Копанки“. Со таквата пресуда на Вишиот управен суд, судската постапка беше завршена, а во согласност со законската регулатива, локалната самоуправа одлучи да даде финансиска поддршка за обнова на објектот, кој е еден од симболите на Битола, изграден уште во далечната 1938 година.
– „Копанки“ е на сите и ќе биде за сите нас – изјави претседателката на советот, Габриела Илиевска.

Во таква ситуација, за да добие општински пари за обнова на домот, ПСК Пелистер направи промена на статутот на клубот во делот за имотот, измена со која се обврза, доколку клубот престане да функционира, имотот да остане сопственост на општината. По голем број надмудрувања и дебати, конечно се донесе одлука на клубот да му се доделат 62 илјади евра, или 3,8 милиони денари за негова обнова.

Начинот на кој ќе се регулира изградбата на „Копанки“ е предвиден со договор на ПСК Пелистер и Општина Битола. Со овој договор, стопроцентен сопственик на домот останува ПСК Пелистер, со тоа што е дозволено бенефиција од 30 проценти од сместувачкиот капацитет да користи Општина Битола без надомест, со писмено барање од нив за одржување семинари и културни настани според годишниот календар. ПСК Пелистер ќе треба на три месеци да доставува извештај до советот за искористувањето на средствата. Договорот е на неопределено време. Средствата што ги даде општината ќе бидат заштитени зашто домот во следните 20 години нема да може да се издава и става под хипотека.