По повод Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април денеска на јарболот пред зградата на општина Прилеп беше кренато ромското знаме. На свеченоста присуствуваа градоначалникот Борче Јовчески, претседателот на Совет Дејан Проданоски и претставници од ромската заедница.
Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески вели дека Ромската заедница е нераскинлив дел од нашето мултиетничко, мултикултурно и мултирелигиско општество во кое секојдневно се залагаме за надминување на стереотипите и бариерите со кои што се соочуваме.
– Пред нас се многу предизвици, Меѓународниот ден на Ромите е можност да се потсетиме на обврските во заштитата на човековите права и да ги потврдиме обврските во промовирањето на еднаквоста и недискриминацијата на Ромите во Република Македонија. Како Локална самоуправа имаме план да се насочиме кон подобрување на квалитетот на животот, образованието и инклузија во сите сфери на општеството со цел да обезбедиме подобри услови за развој и интеграција на нашите сограѓани Роми и нивната социјална и економска состојба. За таа цел соработуваме и со голем број домашни и странски организации и донатори – истакна градоначалникот Борче Јовчески.
Дејан Проданоски, претседателот на општинскиот Совет, честитајќи го 8 април – Меѓународниот ден на Ромите, посочи дека „културата и традицијата на Ромите се исклучително значајни за прилепското културно наследство“.
– Важен сегмент се во градење на соживот и меѓусебно почитување и разбирање во општеството.Мултикултурализмот и еднаквоста треба да бидат важен приоритет во нашето секојдневно делување, а унапредувањето на правата на Ромите да биде наша заедничка цел и предизвик. Општина Прилеп и јас како претседател на Совет и во иднина ќе продолжиме да се залагаме за мерки и активности што ќе значат подобрување на животниот стандард на сите сограѓани, без никаков исклучок. Нема да престанеме со нашите заложби за зајакнување на економската и социјалната вклученост на Ромите во секојдневните општествени текови, затоа што тие сте дел од нас, од нашето општество – истакна Проданоски.
Според директорката Панде Николоска одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите е можност за потсетување на историскиот развој на борбата за остварување на правата на Ромите.
– Денес новите генерации со силна мотивација го прифатија предизвикот да бидат носители на прогресот. А прогресот е значаен и е дел токму од образовните институции, училиштата, наставниците , родителите… Среќни сме што ни се укажува таа чест да бидеме дел од организацијата на Меѓународниот ден на Ромите – посочи Николоска во својот поздравен говор.
Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април официјално е прогласен во 1990 година на Светскиот конгрес на Меѓународната унија за Ромите во Полска. На конгресот претставници на Роми од 14 држави донесоа одлуки за знаме, химна, за прогласување на ромскиот јазик и за воведување на терминот Ром. На Првиот конгрес на Роми во Лондон во 1971 година, ромскиот јазик е деклариран како официјален јазик на сите Роми.
Ка.М.