Делегацијата на Европската Унија во Скопје соопшти дека таа нема да ја финансира реконструкцијата на објектот „Парк“ во Битола. Ова стои во известувањето од Делагацијата на ЕУ исператено до претседателката на општинскиот совет Габриела Илиевска и советниците, која неодамна на свеченото пуштање во употреба на Заводот и Музеј Битола лично му го предаде барањето на евроамбасадорот Дејвид Гир со парите од ЕУ за проектот „Смарт4ју2“ да се реконструира објектот „Парк“.
Наместо за реконструкција на објектот „Парк“, Делегацијата на ЕУ се согласува средствата во целокупниот износ наменети за реконструкција на „Парк“ да се искористат за изградба на велосипедска патека.
Од Делегацијата на ЕУ велат дека не постои можност за понатамошно финансирање кое би можело да се намени за реконструкција на постоечката зграда „Парк“ во Битола.
– Активноста „Реконструкција на постоечката зграда на објектот „Парк“ во Битола како дел од проектот „Смарт4ју2“ преку гранична соработка беше модифициран бидејќи, водечкиот апликант, немаше доволно средства за реконструкција на оваа зграда, главно поради неодамнешните покачувања на цената. Како резултат на тоа, водечкиот апликант, предложи, наместо тоа, основање на систем од велосипедски патеки во градот Битола. После проценката на оправданоста и ревизијата, Делегцијата го дозволи овој амандман, кој подлежи на одредени услови, бидејќи одговара на слични иницијативи низ Европската Унија, каде туристите можат да изнајмуваат (со наплата или бесплатно) велосипед и да посетуваат локални знаменитости. Не постои можност за понатамошно финансирање кое би можело да се намени за реконструкција на постоечката зграда „Парк“ во Битола. Секое отстапување од постоечката проектна документација ќе треба да биде иницирано и образложено од апликантот, општината Битола. Се надеваме, дека, предвидените финансиски средства ќе бидат употребени на начин на кој граѓаните на Битола, ќе имаат бенефит од алокацијата и се надевам на негово завршување – стои во одговорот од евроамбасадорот Дејвид Гир испратен до претседателката Илиевска, кој е адресиран и до советниците од општинскиот Совет. М.М.