фото: Зоран Антоски

Еден од капиталните проекти што започна со реконструкција во текот на претходната календарска година конечно е завршен, со поставување на нов слој на асфалт по целата должина на улицата во должина од 900 метри, со што условите за одвивање на сообраќајот се многу подобрени. Последната фаза од реконструкцијата се состоеше од поставување на два слоја асфалт од страна на изведувачот на работите компанијата „ВАТО“ од Скопје.

– Во изминатите петнаесетина дена целосно го завршивме асфалтирањето на улицата „Борис Кидрич“ во Кичево, една од главните сообраќајници во градот. При оваа операција на улицата со широчина 7 до 9 метри и должина од 900 метри, поставени се два слоја асфалт или во оваа сообраќајница вградени се околу 1500 тони асфалт – истакна Фахрудин Јахиќ, од компанијата изведувач на работите.

.- Асфалтирањето по малку го забавуваа кружните текови кои ги има на три места на оваа сообраќајница. За да се постави новиот слој на асфалт, на делови од улицата беше извршено гребење на стариот слој на асфалт, додека во еден дел целосно беше откорнат и последниот слој на асфалт,поставена нова подлога и два слоја на нов асфалт. Со овој зафат оваа улица во наредните десетина години ќе може без никакви поправки и преправки да ги служи возачите во Кичево – додаде Јахиќ.

Средствата за оваа намена се обезбедени со кредит од Светска банка.

З.А.