Со своите 95 години Демо Мамудоски од Кичево сигурно е најстариот уличен чистач на чевли во земјава и припаѓа на малата група улични чистачи во Европа, кој 80 години се занимава со оваа работа.
Иако е во поодмината возраст мајстор Демо можете и ден денес да го сретнете во средиштето на Кичево каде со четки во рацете им ги „гланца“ чевлите на своите сограѓани и гости. Зачудува што и денес овој чистач на чевли и на вака поодмината возраст не помислува да се одвои од своите реквизити и од улицата што за него живот значи.
– Иако годинава ќе навршам полни 95 години сепак сѐ уште се чувствувам витален и воопшто не ми е тешко да работам како уличен чистач и на своите сограѓани да им ги гланцам чевлите. Со оваа работа ќе продолжам да се бавам сѐ додека тоа ми го дозволува здравјето. Последните години и природата е милостива кон нас бидејќи времето и во зима не е така студено што е уште една причина плус да продолжам да работам во текот на целата година.
Добро паметам зими кога во нашиот град со месеци не можеше да се излезе од дома, кога на улиците висината на снегот беше речиси еден метар, а температурите паѓаа длабоко под нула. Но последните години работите се променија, времето е топло во текот на целата година што уште повеќе ме мотивира да продолжам со работа – вели чичко Демо, кој може со часови да ви зборува за средби со луѓе од сите краишта на поранешната држава, а неговата меморија е толку добра што во детали може да ви раскажува за настани што се случиле пред 50-60 години.
Уличниот чистач нагласи дека обемот на работа последните години е драстично намален, но тој е навикнат на овој начин на живот и не се откажува од својот традиционален занает и покрај помалата заработка.
Потсети дека во минатите времиња на видни сограѓани секојдневно чевлите им ги чистел на прагот од нивниот дом, за кога ќе одат на работа или на корзо нивните чевли да бидат тазе изгланцани, за што добивал пристоен надомест.
Разочаран е што интересот кај помладите за овој занает воопшто и не постои, а главната причина е малата заработка и заминувањето, пред сѐ, на младите во странство.