Преку проектот „ЕНТЕГ – Претприемништво за дипломирани студенти со високо
образование“, 60 млади од Грција и од Македонија ќе изучуваат претприемачки
вештини, со кои ќе се унапреди нивниот претприемачки дух и ќе се зголеми нивната
самодоверба, а со тоа тие би ја засилиле својата конкурентност на пазарот на трудот и она што е најважно би останале во својата држава, наместо да размислуваат за иселување.

Проектот денес беше промовиран во Прилеп и е партнерска соработка помеѓу Координацијата на организациите за волонтерски услуги – Прилеп (ЦОСВ) и Младинскиот културен центар – Битола од страна на Македонија и Регионалниот фонд за развој на Централна Македонија (водечки апликант) и Техничката комора на Грција/оддел за Централна Македонија од Грција. Се спроведува во рамките на ИНТЕРРЕГ ИПА програмата за прекугранична соработка „Грција – Република Македонија
2014-2020“, кофинансирана од Европската Унија и националните фондови на земјите
учеснички.

– Програмата нуди обуки за претприемаштво преку виртуелна лабораторија на која што учесниците ќе имаат можност да ги практицираат своите бизнис идеи, да разменуваат искуства со другите учесници, да вежбаат и да соработуваат. Искрено се надевам дека ќе направиме исчекор напред кон решавање на овој проблем, посочи Дања Димовска-Микаровска, проектен менаџер од ЦОСВ-Прилеп.

Пристапот на проектот е да се надградат претприемачките капацитети на високообразованите кадри со цел да ја подобрат својата позиција за отпочнување на
сопствен бизнис, иновативно ново претпријатие од мал обем (сами или во соработка со
друг/и)или да ги унапредат своите вештини за добивање работа во постоечка фирма каде што ќе понудат значително унапредени услуги.

Во изминатиов период во рамките на проектот преку деск-анализи и теренски истражувања на експерти, ЦОСВ-Прилеп спровел истражување и изготвил извештај за
моментната состојба на Ромите со завршено високо образование во Македонија, кои се во многу мал број, како и прирачник со препораки за зголемување на бројот на Роми што ќе се запишат и ќе завршат високо образование. Ка.М.