Советот на Општина Прилеп донесе одлука за издавање на општинска обврзница
со што градот ќе се задолжува со пет милиони евра за реализација на капитални проекти. Претседателот на Советот Дејан Проданоски посочи дека започнува постапката низ сите институции за да се проследи информацијата за солвентноста на буџетот на Општината.

– Бараме емисија на општински обврзници во висина од пет милиона евра за изработка на три клучни проекти, оние кои како владејачко мнозинство ги најавивме со предизборната програма. Сметаме дека ова е единствениот извор на финансирање да се
изведат проектите  – вели Проданоски.

Според програмата станува збор за проекти за изведба на кружен тек на мостот на градската река кај Табаана, за пробивање на улицата „Победа“ како важна поврзувачка артерија на два дела од градот и за уредувањето на влезот во Прилеп од кај Македонски Брод.

Советот ѝ даде зелено светло на општинската администрација да ја подготви
придружната документација, согласно со законот за давање на обврзници.

– Тоа се околу 17 точки кои треба да бидат исполнети и по извесен период очекуваме Владата да донесе одлука за издавање вакви обврзници или хартии од вредност,
кои би биле пуштени на пазарот за хартии од вредност. Процесот би одел најмалку пет до шест месеци. По одобрувањето, имаме грејс-период од седум години кога ќе се плаќа само каматата, за потоа да се плати главниот долг од пет милиони евра – истакнува Проданоски.

Советниците од опозициската СДСМ се спротивставија на одлуката посочувајќи дека крајно е неодговорно и лудо што граѓаните долгорочно ќе се задолжуваат. Претседателот на Советот, кој воедно е и претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Проеданоски, истакна дека додека СДСМ била на власт, пред година и пол, ја
оставила локалната самоуправа во сериозно незавидна финансиска состојба со долгови од 292 милиона денари. Затоа бараат обврзница за реализација на проектите. Ка.М.