Традиционално во мај и јуни, кога во полн ек е цветањето на многуте растенија и билки во природата, жителите од Кичево и Кичевско почесто се во природата отколку дома, каде по ливадите собираат билки и цветови за да подготват залихи на билки за чај, за во текот на зимата.
– Бидејќи во постудениот период од годината редовно консумираме чај, затоа во овие два месеци собираме повеќе видови лековити тревки и цветови. Така кога деновиве во полн ек е цветањето на мајчината душичка, глогот, дивото нане, а потоа и на липата, собираме од овие тревки и растенија, ги сушиме во сенка и ги подготвуваме за зима. Сезоната на косумирање на чај ја започнуваме најчесто во ноември и ја привршуваме кон март. Дури се случува од некои чаеви да подготвуваме и во текот на потоплиот дел од годината, па и во летото. Најважно е што нашите чаеви се природни без никакви додатоци и чиниш дека секоја испиена голтка од овие чаеви, уште повеќе те орасположува и те прави да бидеш поздрав – вели Горан Велкоски, тревар од Кичевско.
Тој посочува дека за разлика од чаевите во филтер-кеси, овие чаеви се многу поароматични и попријатни за консумација и кој еднаш пробал од овие чаеви собрани во чиста природа и самиот ќе посака да собира од овој преубав дар на природата. Потенцира кои чаеви за што најмногу помагаат.
– Секој од овие чаеви помага за одредена болест, така чајот од домашно нане помага при стомачни тегоби, чајот од липа е корисен за дишните патишта, мајчината душичка е лек за сите болести, додека глогот е вистински дилататор на крвотокот и во целост го подобрува здравјето на корисниците – додава собирачот на билки за чаеви. З.А.