Фото: Маја Јаневска Илиева

Бриселските портали „Политико“ и „Еурактив“ во осврт за вчерашната инаугурација на новата македонска претседателка Гордана Силјановска Давкова коментираат дека уште на самиот свечен чин во Собранието таа предизвикала расправија, лутејќи ја соседна Грција со спомнување на името Македонија.

– Новоизбраната националистичка претседателка на С.Македонија уште пред да положи заклетва во неделата, предизвика дипломатска расправија со соседна Грција – наведува „Политико“.

Бриселскиот портал истакнува и дека за време на церемонијата на полагање заклетва во Парламентот Силјановска Давкова, која, како што посочи, е првата жена-претседател на младата нација, ја нарекла својата земја „Македонија“, наместо со нејзиното уставно име „С.Македонија“.

– Амбасадорката на Грција во Скопје, Софија Филипиду, веднаш ја напушти церемонијата на инаугурација во знак на протест – наведува порталот, додавајќи дека „десничарската партија ВМРО“, чија кандидат за претседател беше Силјановска Давкова и која победи и на парламентарните избори минатата недела, го отфрла Договорот од 2018 година кој предвидува земјата да не се нарекува „Македонија“.

„Политико“ ја пренесува и реакцијата на грчкото МНР, според кое, изјавите на новата претседателка ги прекршиле условите од Меѓународниот договор од Преспа меѓу Атина и Скопје од 2018 година и ги загрозиле билатералните односи и изгледите на Северна Македонија за пристапување во Европската Унија, како и пораката на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Екс дека „за С.Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи на патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“.

Порталот потсетува дека Грција со децении го блокираше пристапувањето на земјава во ЕУ и НАТО, тврдејќи дека со тоа што се нарекува себеси „Македонија“ го „присвојува грчкото име, како и историјата на античкото грчко Кралство Македонија“. Во текстот се додава и дека во изминатите две години, Бугарија, исто така, ја блокираше кандидатурата на земјата за ЕУ, барајќи уште еднаш да се измени нејзиниот Устав „за да се признае бугарското малцинство“.

– Договорот од Преспа го потпиша тогашната Влада, предводена од социјалистичката партија СДСМ. Спротивно на тоа, националистичката ВМРО, на која и припаѓа Сиљановска-Давкова, отсекогаш го исфрлаше договорот. Во текот на неговата кампања за минатонеделните парламентарни избори, лидерот на ВМРО, Христијан Мицкоски, ја обвини СДСМ дека направила понижувачки компромиси за решавање на споровите со соседите и продолжи да ја нарекува земјата „Македонија“ и покрај договорот од Преспа – наведува „Политико“, пренесувајќи изјава на Мицкоски дека за него „Македонија е и ќе остане Македонија“.

Според порталот, враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт по седум години, откако извојува „големи победи на парламентарните и претседателските избори минатата недела“, се очекува дополнително да ги комплицира односите и со Грција и со Бугарија, како и пристапот на земјата во ЕУ.

– Иако ВМРО го поддржува членството во ЕУ, вели дека нема да се согласи со уставните промени што ги бара Бугарија, предуслов за пристапување на земјата во блокот – додава „Политико“.

Порталот пренесува и реакција на грчката левичарска опозициска партија СИРИЗА, која „го осуди употребата на терминот Македонија од страна на Сиљановска-Давкова“ и ја повика Владата на Грција „да се откаже од овој пасивен став“ и да ги мобилизира „сите расположливи дипломатски средства на меѓународно и европско ниво“, со цел „со строгост“ да се побара де не се употребуваат термини или преземаат дејствија „од страна на новата претседателка и членовите на новата влада на С.Македонија со кои се прекршува Договорот од Преспа“.

Првата жена претседател на Македонија, Силјановска Давкова при вчерашната инаугурација ја налути Грција со говорот во кој не го призна новото име на нејзината земја, наведува бриселскиот информативен портал „Еурактив“ во извештајот од церемонијата на полагањето заклетва.

– Балканската нација го додаде „Северна“ во своето име со историскиот договор во 2018 година, за да стави крај на долгогодишниот спор со Грција. Партијата на Гордана Силјановска Давкова, националистичката ВМРО-ДПМНЕ, се спротивстави на договорот и одбива да го признае новото име на земјата – наведува порталот.

„Еурактив“ потсетува дека „десничарската партија извојува лесна победа на парламентарните и претседателските избори во средата“, при што владејачките социјалдемократи (СДСМ) го признаа поразот уште пред да бидат објавени какви било официјални резултати.

– Обраќајќи им се на пратениците и на собраните поканети ВИП личности во неделата, Силјановска Давкова рече дека „ќе ги почитува Уставот и законите и ќе ги штити суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија. „Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја извршувам на совесен и одговорен начин“, додаде таа. Официјалниот пишан текст на нејзиното обраќање го вклучуваше официјалното име С.Македонија – наведува „Еуркатив“.

Порталот додава дека Силјановска Давкова, која во саботата наполни 71 година, беше избрана за претседател со петгодишен мандат, откако обезбеди победа во вториот круг на гласање со 65 отсто од гласовите над шеф на државата во заминување, социјалдемократот Стево Пендаровски, кој освои 29 проценти.

– Пензионираната универзитетска професорка вети дека ќе биде претседателка на „сите граѓани – додава „Еурактив“.

Во текстот се потсетува дека со Договорот од Преспа склучен со Атина во 2018 година, „Скопје го додаде префиксот Северна на своето име“ и стави крај на децениските расправии со Грција, која беше против тоа „нејзиниот сосед да носи исто име како и една од нејзините историски провинции“ и долго време се противеше земјата да стане членка на НАТО – таа конечно се приклучи на Алијансата во 2020 година и ги овозможи разговорите на нејзиниот пат кон евентуално членство во ЕУ.

– Но, Грција реагираше луто на говорот на новата претседателка, велејќи дека нејзиниот избор на зборови е „еклатантно кршење“ на нивниот Договор. „Грција категорично изјавува дека натамошниот напредок во билатерални односи со Северна Македонија и нејзиниот европски пат зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и пред се од употребата на уставното име, додаваат од (грчкото) МНР. Според извештаите на локалните медиуми, амбасадорката на Грција во Скопје ја напуштила церемонијата во Парламентот во знак на протест – се додава во текстот.

„Еурактив“ пренесува и изјава на бугарскиот претседател Румен Радев дека „Бугарија не прифаќа изјави и однесување што се во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и со другите меѓународни договори што ги има потпишано Р.С.Македонија“.

– Бугарија постојано и јасно го кажува својот став дека договорите мора да се спроведат. Европската перспектива на С.Македонија зависи од строгото спроведување на меѓународните договори што ги има потпишано, како и на Преговарачката рамка одобрена од Европскиот совет во јули 2022 година, која нема да биде ревидирана – ја пренесува порталот изјавата на Радев, повикувајќи се на Бугарското национално радио (БНР).

Со слична изјава, според „Еурактив“, се огласил и привремениот бугарски премиер Димитар Главчев.

„Еурактив“ пренесува и дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел и честитаа на Сиљановска-Давкова, но и дека упатија пораки за доследна примена на Преспанскиот договор.

– Фон дер Лајен на Екс, поранешен Твитер, додаде дека С.Македонија мора да го следи „патот на реформите и целосното почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“ за да го продолжи својот пат кон пристап во ЕУ. Претседателот на Советот, Шарл Мишел, го нарече „многу разочарувачки“ пропуштањето на употребата на уставното име од страна на новата претседателка, додава порталот.

Во текстот натаму се потсетува и дека ВМРО-ДМПНЕ победи на парламентарните избори на 8 мај, освојувајќи 58 од 120-та пратенички места, потиснувајќи го СДСМ, кој е на власт од 2017 година.

– Враќањето на власт на десницата во сиромашната земја со 1,8 милиони жители создава ризик за повторно разгорување на тензиите со Грција, како и со Бугарија. За време на предизборната кампања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вети дека ќе остане цврст во ставот кон Бугарија околу јазичните и историските прашања, поради кои Софија ги блокираше преговорите за пристапување на С.Македонија во ЕУ во последните две години – се посочува во текстот.

„Еурактив“ наведува дека Бугарија побара од Скопје да го промени својот Устав „за да го признае бугарското малцинство“ во земјата.

– Во 2022 година, Бугарија се согласи на предлогот на тогашното француско претседателство со Советот на ЕУ за укинување на ветото за почеток на пристапните преговори на Скопје, кога С.Македонија ќе го додаде бугарското малцинство во Уставот на земјата. Владејачката СДСМ беше подготвена да ги усвои амандманите, но немаше доволно мнозинство во Парламентот. Предизборниот став на ВМРО-ДПМНЕ беше противење за промена на Уставот – додава „Еурактив“.