фото: Зоран Антоски

Ни најстарите жители на Кичево не се сеќаваат кога во текот на летото и есента на зелениот пазар цените биле толку високи како годинава и граѓаните се приморани и покрај зголемените потреби да пазарат во помали количества за да можат да го протуркаат месецот.

Цените, благодарение на локалните земјоделски производители, во последните месец-два се нешто пониски, бидејќи земјоделците од овој регион не ги зголемуваат цените без вистинска причина и во некоја рака се јавуваат како заштитници на животниот стандард на граѓаните.

– Нашето градинарско производство е во периодот август, септември, октомври кога мораме она што го добивме како годинешен род да го пласираме на нашиот зелен пазар. Бидејќи немаме количества за да шетаме по пазарите низ републикава и сѐ што ќе произведеме го нудиме и го продаваме во нашиот град. Бидејќи се работи и за расиплива стока, свесни сме дека мора да ја продадеме за пократок период за да не се расипе а и ние да заработиме некој денар од нашето производство. Ги следиме цените на зелениот пазар, но да бидам искрен не би сакале да ги подигнеме до таа мера како цените на производите од надвор, бидејќи свесни сме и за економските можности на нашите потрошувачи – вели Миле Т., земјоделец од Кичевско.

И граѓаните се задоволни што благодарение на локалните производители имаат можност да купуваат квалитетни градинарски производи по нешто пониски цени.

– Ако не беа земјоделците од нашиот регион ниту толку тазе ,ниту по пристојни цени ќе можевме да се снабдиме со првокласен зеленчук, имајќи предвид колку беа високи цените пред да пристигне реколтата на нашите земјоделски производители. И не само производите на нашите земјоделци што се со пониски цени, туку и квалитетот е многу добар и додека тоа го дозволува времето ќе имаме можност да се снабдуваме со наш производ по нешто пониски цени – вели Драган Тренески, граѓанин.

З.А.