Фото: З.А.

Манастирот „Свети Ѓорѓија“ во близина на село Кнежино, Кичевско, утре ќе го одбележи својот патрон. По тој повод во манастирската црква ќе има повеќе активности на кои ќе присуствуваат и поголем број на верници, а ќе има и причест за верниците кои што постат.

– Одбележувањето на големиот празник во манастирот „Свети Ѓорѓија – Победоносец“ ќе започне вечерва во 18 часот кога во манастирската црква ќе биде отслужена вечерна богослужба од страна на свештеници од кичевското архиерејско намесништво. Утре во 8.30 часот ќе биде отслужена Света Божествена Литургија а ќе има и благословување на празнично коливо и Мал Водосвет – истакна отец Александар Крстаноски.

Кнежинскиот манастир традиционално за овој празник го избира и кумот на манастирот, кој ќе му служи на храмот и на верниците во наредните 12 месеци. На ова одбележување присуствуваат и голем број верници од градот но и од соседните градови.

Во наредните 12 месеци манастирски кум ќе биде Зоран Митрески од Кичевско. З.А.