Во последниот викенд од јануари заврши ловната сезона за годинава, а ловџиите од Кичевско се уште ги сублимираат резултатите за билансот во изминатите четири месеци, колку што траеше периодот на лов на крупен дивеч. Тие се изненадени од енормното присуство на дива свиња во природата и се прашуваат од каде пристигнала за да ја има во толку голем број, и покрај богатиот улов.
– Изминатава ловна сезона беше една од најбогатите со улов во последните неколку години. Но, да бидам искрен, не беше и толку тешко да се има богат улов кога присуството на дива свиња во природата беше најголемо досега. Просто сме затечени од сознанието од каде толкаво присуство на дива свиња во нашиот регион. Јасно ни е дека дивите свињи брзо се размножуваат, но нивната бројност е и над овие законитости. Истото го тврдат и ловџии од Бродскиот регион, Демирихисарско и од Битолско, од каде имаме информација дека ловни групи од села во овој регион, во само еден ловен викенд отстрелале 17, а наредниот викенд 13 диви свињи – вели Даме Петрески, искусен ловџија од Кичевско кој три децении е активен на ова поле.
Слични се искуствата и на негови колеги од преостанатите ловечки групи кои се дел од трите ловечки друштва од Кичево и Кичевско, „Елен“,„Еко Фазан“ и „Сокол“. И тие се во дилема дали овој брз пораст се должи на преселбата на диви свињи од други региони или е резултат на нивното забрзано размножување.
Дека присуството на дивата свиња во природата е огромно потврдуваат и земјоделците од овој регион, кои не гледаат начин како да ги одбранат своите ниви од дивите свињи, па дури размислуваат да престанат да засадуваат одредени земјоделски култури соочени со овој проблем. А нивното присуство е се побројно и во самите села и секаде се чуствуваат слободно како во дивината. З.А.